Зеленски до САД: Продадете ни 10 отсто од „Патриот“ и ние ќе ги уништиме сите руски балистички ракети
Украина има само мал дел од пресретнувачките ракети за системите „Патриот“ што ѝ се итно потребни за одбрана од сè почестите руски балистички напади. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за CNN, нагласувајќи дека секојдневно води преговори со сојузниците за да обезбеди дополнителни залихи.
Русија во последните недели значително ги засили балистичките напади, особено врз Киев. Во исто време, украинските залихи на ракети за „Патриот“ се речиси исцрпени.
„Оваа година имаме два и пол пати помалку пресретнувачи отколку во 2025 година, додека Русија месечно истрелува двојно повеќе балистички ракети“, рече Зеленски.
Тој предупреди дека Украина се соочува со особено тешка зима доколку не добие дополнителна муниција. Според него, 5 отсто од американските залихи би биле доволни Украина да ја помине зимата и да спаси животи, додека 10 отсто би можеле да бидат доволни за да се пресретнат руските балистички ракети.
„Ако САД ни продадат пет проценти, ќе ја пребродиме зимата и ќе спасиме животи. Ако можат да ни продадат десет проценти, ќе ги уништиме сите балистички ракети на Русија. Во моментов имам еден процент. Тоа е мојата секојдневна борба – да преминеме од еден на пет проценти. Со месеци се обидувам да обезбедам ракети, дури и преку различни договори и размени. Постојат работи за кои не можам јавно да зборувам“, изјави Зеленски.
Неизвесност околу производство на ракети
Дополнителен предизвик е неизвесноста околу можноста Украина самата да произведува ракети за системите „Патриот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека би можел да ѝ дозволи на Украина лиценцирано производство на овие сложени пресретнувачи. Сепак, подоцна изрази сомнеж околу идејата. Производителите на системот веќе испратија свои претставници во Киев, но конкретен договор сè уште нема.
„Во моментов немам ниту пет проценти од потребното, ниту одобрение за производство. Тоа е еден од најголемите предизвици со кои сум се соочил од почетокот на војната“, рече Зеленски.
Притисок врз Вашингтон и страв од нова ескалација
Зеленски потврди дека редовно комуницира со администрацијата на Трамп и со американските сојузници, барајќи дополнителна помош во системи и ракети „Патриот“. Тој, сепак, не откри детали од неодамнешните разговори со Вашингтон.
Украинскиот претседател истакна и дека Киев сака поголем ангажман на САД во мировниот процес, но предупреди дека Владимир Путин засега не покажува подготвеност да ја прекине војната.
Зеленски ја отфрли и можноста Украина да отстапи територии во Донбас како дел од договор за мир. Според него, без цврсти безбедносни гаранции постои опасност Русија повторно да се обиде со нова офанзива.
Тој предупреди и дека Путин би можел во иднина да се обиде да го прошири конфликтот кон НАТО, особено преку напад врз некоја од помалите балтички земји.
„Тој не знае како да ја заврши оваа војна без голема окупација или голема победа. За него би било полесно да избере помала држава и да се обиде брзо да ја окупира, уништи или стави под контрола“, рече Зеленски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зеленски до САД: Продадете ни 10 отсто…
Украина има само мал дел од пресретнувачките…
Го викнал брат му и заедно ја…
На 11.08.2026 година во 15:15 часот во…
Украина годинава ослободила 745 квадратни километри окупирана…
Украинскaта војска во текот на оваа година…
Муцунски: Веруваме дека во рамките на нашите…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија…
Какви симптоми имал починатиот маж од западно-нилска…
Маж од Скопје на возраст од 83…