Трамп му се закани на Оман: „Ќе го бомбардираме безмилосно“ ако го попречува договорот за Ормутскиот Теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Оман со тешки бомбардирања доколку земјата го попречува постигнувањето договор за Ормутскиот Теснец, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта и гас.
„Ако Оман ни застане на патот, ќе го бомбардираме безмилосно“, изјавил Трамп во разговор со новинарот на Fox News Треј Ингст.
Заканата доаѓа во момент кога Оман и Иран веќе неколку недели водат разговори за иднината на Ормутскиот Теснец, одделно од преговорите што ги води Вашингтон со Техеран.
Изјавата на Трамп се совпадна со истекувањето на 60-дневниот рок поставен во јуни со меморандумот потпишан во Версај. Тогаш беше предвидено во рок од два месеца да заврши војната со Иран и да биде постигнат договор за неговата нуклеарна програма.
Наместо тоа, двете страни денес се подалеку од договор отколку во моментот кога беше потпишан договорот.
Борба за Ормутскиот Теснец
Главната точка на спорот е повторното отворање на Ормутскиот Теснец, низ кој пред војната минуваше приближно една петтина од светската трговија со нафта и гас. Поради конфликтот и ограничувањето на поморскиот сообраќај, испораките низ овој стратешки коридор драстично се намалија, со последици врз светските цени на енергенсите.
Оман во кризата се обидува да игра улога на посредник меѓу Вашингтон и Техеран. Во меѓувреме, Иран и Оман разговараат за можен аранжман за управување со пловидбата низ теснецот.
Вашингтон, пак, инсистира на услови што би овозможиле повторно отворање на теснецот и ограничување на иранското влијание.
Трамп во понеделникот повторно нагласи дека неговата главна цел останува Иран да не поседува нуклеарно оружје.
Преговорите се во ќор-сокак
Истекувањето на 60-дневниот рок не донесе договор. Преговорите се заглавени околу прашањата за контролата врз Ормутскиот Теснец, американската блокада, санкциите и иднината на иранската нуклеарна програма.
Во последните денови поморскиот сообраќај низ теснецот дополнително забави. Според Reuters, во петокот биле регистрирани само неколку преминувања, откако два брода од Обединетите Арапски Емирати биле нападнати.
Со најновата закана кон Оман, Трамп дополнително го зголемува притисокот врз земјата која досега играше посредничка улога во обидите за дипломатско решение.
Во исто време, Вашингтон и Техеран остануваат далеку од договор, а неизвесноста околу Ормутскиот Теснец продолжува да го загрижува глобалниот енергетски пазар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп му се закани на Оман: „Ќе…
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани…
Истече рокот за постигнување договор меѓу САД…
Рокот од 60 дена утврден со меморандум…
(Видео) ВД амбасадорката на САД во Дебар,…
Вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски…
Иран нуди награда од 30.000 долари за…
Иран нуди награда од 30.000 долари за…
Трамп се шегувал дека ќе го прогласи…
Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека…