Огнот кај Драгов Дол слабее, но пожарот кај Велес се шири кон Зелениково
Пожарната состојба во Македонија и понатаму е сериозна, иако бројот на активни пожари е намален. Од 25 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, 21 биле изгаснати во текот на ноќта, додека четири останале активни и денеска продолжува борбата со огнените жаришта. Ова го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Еден од пожарите што бележи подобрување е оној во атарот на селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод. Огнот таму со денови зафаќаше планински терен, но според Ангелов, пожарот значително е намален и се очекува наскоро да биде целосно изгаснат.
Во гаснењето вчера бил ангажиран полициски хеликоптер, како и три противпожарни летала. Со нивна помош биле изгаснати повеќе краци на пожарот, а останал уште еден дел на карпест и тешко пристапен терен. Од пожарот, според информациите на ДЗС, не било загрозено ниту едно населено место.
Пожарот кај С’лп се движи кон Зелениково
Многу посериозна е состојбата во Велешко, каде пожарот што започнал во атарот на селото С’лп се проширил и се движи кон Зелениково, односно кон атарите на селата Добриново и Тисовица.
Поради ширењето на огнот, велешките пожарникари се концентрирани на заштита на овие две села.
Според Ангелов, пожарникарите утрово се пробивале низ густите грмушки за да создадат одбранбена линија и да спречат огнот да стигне до населените места. На најголем дел од теренот гори нискоквалитетна шума, грмушки и трње.
Состојбата во Зелениково претходно веќе предизвикала вознемиреност кај жителите, откако пожар се приближил до куќите во текот на ноќта. Огнот бил запрен пред да стигне до првите домови, со заедничка интервенција на пожарникари, доброволци и жители.
Активен пожар и кај Рамни Габер
Активен останува и пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани.
Таму гори ниска и неквалитетна шума, грмушки и трње, а проблем претставува исклучително тешко пристапниот терен. На одредени места, според информациите, теренот е целосно непристапен за возила.
Во гаснењето се ангажирани екипи на скопската противпожарна бригада.
Активен е и пожарот над селото Копанце во Општина Јегуновце, но засега не претставува опасност за блиските населени места.
Еден крак од пожарот се движи кон селото Бојане во Општина Сарај, во правец кон Скопје, при што е зафатена мешана шума, но претежно гори ниска вегетација, грмушки, трње и сува трева.
Пожар и на депонијата во Кратово
Меѓу активните жаришта е и пожарот на депонијата во Кратово. Според Ангелов, во текот на денот се очекувало депонијата да биде затрупана, со што би се намалило ширењето на чадот и непријатната миризба.
Центарот за управување со кризи дополнително информирал и за активен пожар во населбата Балканска во Штип, каде гори ниска вегетација.
Под контрола, пак, бил пожарот во Општина Кратово кај селото Железница, како и пожарот на депонијата во Општина Делчево.
Ново предупредување поради несовесно палење оган
Паралелно со информациите за активните пожари, Ангелов повторно предупреди на опасноста од палење оган на отворено.
Тој објавил и снимка од огниште што го затекнал претходниот ден покрај реката Треска, каде очигледно било подготвувано јадење на отворено. Во близина имало сува трева, гранки и грмушки, а во непосредната околина и борова шума.
Според Ангелов, ваквото однесување е особено ризично во услови кога низ земјава има повеќе активни пожари и кога сувата вегетација лесно може да се запали.
Тој повторно апелираше граѓаните да не палат оган на отворено, бидејќи една мала искра може да биде доволна за да се прошири пожар во шумски или тревни предели.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Огнот кај Драгов Дол слабее, но пожарот…
Пожарната состојба во Македонија и понатаму е…
„Пулс“ не бил кабаре, туку диско-клуб, а…
Сите градежни зафати во објектот биле изведени…
АД ЕСМ потпиша договор со косовски KEK…
По интензивни преговори помеѓу двете најголеми државни…
Детали за сообраќајката во Ласкарци: автомобил удрил…
На автопатот Скопје-Тетово, кај Ласкарци, се случила…
Брачен пар загина во пожар на островот…
Возрасен брачен пар загина во пожарите на…