Нови седум осомничени за транспорт на марихуана од Македонија во Србија
Досегашниот тек на истрагата, што од февруари годинава се води во ОЈО ГОКК за организиран транспорт на наркотична дрога марихуана од РСМакедонија во РСрбија, укажува на поширок круг лица инволвирани во организираната криминална активност. Обезбедените докази што произлегуваат од преземените истражни дејствија и меѓународната соработка со надлежните органи на РСрбија, резултираа со донесување нова Наредба за спроведување истражна постапка против уште седум лица. Седуммината се осомничени дека како припадници на организираната криминална група го сториле истото кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Имено, од засега неутврден период во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година, на македонската и српска територија, шестмината против кои се води постапка во РСрбија, шестмината опфатени со истрагата на ОЈО ГОКК од февруари, седуммината новоосомничени, како и други засега непознати лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет наркотична дрога марихуана. Секој од нив имал определена улога, при што самите или преку други непознати лица преземале, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана заради нејзина понатамошна неовластена продажба и пуштање во промет на територијата на Република Србија и други држави.
Како параван за недозволените активности било користено правното лице во Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби.
Сопствениците на правно лице од Скопје, од кои едниот е и управител, заеднички и по претходен договор организирале и други засега непознати лица од РСрбија и РСМакедонија за заеднички да набавуваат наркотична дрога марихуана и во повеќе наврати да ја транспортираат од РСМакедонија во РСрбија. За таа цел користеле товарни возила и царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна, прехранбена и друг вид стока. Откако наркотичната дрога ќе била пренесена преку државната граница, организирале нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба.
Според досега обезбедените докази, истиот modus operandi бил применет при најмалку пет транспорти, за кои биле користени различни патнички и товарни моторни возила. Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со наркотична дрога марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило. На овој начин марихуаната била транспортирана прикриена како прехранбени производи, перници и јоргани.
На 21 јули 2026 година, српското Јавно обвинителство за организиран криминал поднесе обвинителен акт против шест членови на организирана криминална група за меѓународен недозволен транспорт на марихуана. Според тамошното обвинение, двајца од сопствениците на правното лице од Скопје давале насоки и инструкции и ги координирале припадниците на криминалната група кои имале задача во месноста Коњух да ја примат и складираат наркотичната дрога марихуана во магацински простор на правно лице, чиј сопственик и управител е исто така обвинет. Дел од дрогата потоа се складирала во помошни објекти во неговиот дом во Коњух, каде било организирано нејзино препакување за натамошна продажба, по што марихуаната наменета за продажба на територијата на Белград му била предавана на друг обвинет член на групата.
Во меѓувреме, во постапката што се води пред ОЈО ГОКК, на 10 август 2026 година Основниот кривичен суд Скопје донесе две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со двајца осомничени. Со спогодбите осомничените признаа дека го сториле кривичното дело што им се става на товар. Притоа им се изречени казни затвор во траење од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нови седум осомничени за транспорт на марихуана…
Досегашниот тек на истрагата, што од февруари…
Клековски повика на празнење на базените поради…
Мерките за справување со епидемијата на западнонилска…
Ноќна акција на МВР низ цела Македонија:…
Во текот на изминатата ноќ, на територијата…
Огнот кај Драгов Дол слабее, но пожарот…
Пожарната состојба во Македонија и понатаму е…
„Пулс“ не бил кабаре, туку диско-клуб, а…
Сите градежни зафати во објектот биле изведени…