Сајбер напад во Латвија: Украдени податоци за 1,2 милиони лица и 200 илјади компании
Во сајбер напад од големи размери се украдени податоци за 1,2 милиони поединци и 200.000 компании во Латвија, соопшти денеска Дирекцијата за безбедност на патниот сообраќај (ЦСДД). Според извештаите, со нападот минатата недела биле прибавени информации како што се имиња и презимиња, податоци за плаќање, регистарски таблички на возила и адресата регистрирана на денот кога била пружена услугата. Латвија има население од околу 1,9 милиони жители. Првично не беше јасно кој стои зад инцидентот.
Премиерот Андрис Кулбергс изјави дека не може да се исклучи можноста за сајбернапад што потекнува од друга земја, пренесе новинската агенција „Лета“. Латвискиот орган за сајбербезбедност и ЦСДД предупредија дека украдените податоци би можеле да бидат злоупотребени од измамници. Кулбергс нареди истрага за инцидентот и го критикуваше раководството на ЦСДД што со задоцнување го известило за кражбата на податоци.
„Морам да кажам дека сум непријатно изненаден од одреден инфантилизам во однос на ИТ-безбедноста што постои кај некои регулаторни тела и владини институции“, рече премиерот. Тој се осврна на претходниот хакерски напад врз државната управа за шумарство во јуни.
Двата „сериозни сајберинциденти“ што се случија во краток временски период беа јасен сигнал дека се потребни дополнителни безбедносни мерки, рече тој. „Ова сега е буквално прашање на национална безбедност“, изјави Кулбергс.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сајбер напад во Латвија: Украдени податоци за…
Во сајбер напад од големи размери се…
Братучедот на Башар ал Асад осуден на…
Судијата Фар ал-Дин ал-Арјан го прогласи Васим…
(Видео) Француски турист убиен во Ксамил поради…
Француски турист е пронајден мртов во Ксамил,…
За шест часа полицијата казни 166 пешаци
МВР информира дека во текот на вчерашниот…
Франција тврди дека Русија се меша во…
Русија решително ги отфрла обвинувањата дека се…