Димитриевски: Пожарникарите помагаат во Липково, но не го оставаме Куманово без резервни тимови

t

Пожарите во овој период од годината веќе стануваат редовна појава, а најголем дел од интервенциите на кумановските пожарникари овој викенд биле надвор од територијата на Општина Куманово, особено во соседната Општина Липково, информира градоначалникот Максим Димитриевски.

Според него, кумановската противпожарна единица во изминатите денови ангажирала значителен дел од своите човечки ресурси за помош во гаснењето на пожарите во околните општини, но тоа не значи дека Куманово во ниту еден момент останало без доволно екипи за интервенција.

– Пожарите се веќе навика во овој период на годината. За жал, Општина Куманово најголем број на интервенциите коишто ги имаше беа на територии на други општини, општини коишто не се организирани со противпожарна заштита, како што е случајот со соседната општина Липково, изјави Димитриевски.

Тој посочи дека најголем дел од интервенциите на кумановската противпожарна единица биле насочени кон соседните подрачја, но дека паралелно биле обезбедени резервни тимови за евентуални пожари на територијата на Куманово.

– Најголем број од нашите интервенции, нашите човечки ресурси беа насочени таму за давање на помош, но ниту во еден момент не ја доведуваме Општина Куманово во состојба да биде загрижена од аспект дека нема резервни тимови на располагање да се интервенира за евентуално било каква друга закана на територија на Општина Куманово, рече градоначалникот.

Во изминатите денови кумановските пожарникари интервенираа на повеќе локации во Куманово и околните села, вклучително и на пожарот во Никуштак, кој се прошири кон Матејче и манастирот. Пожари имаше и во Умин Дол, Кучкарево, Градиште, Режановце и Виштица, а интервенирано е и на пожар во куќа на улицата „Божидар Мицковиќ“.

Димитриевски вели дека Општина Куманово со години обезбедува значителни средства за функционирањето на противпожарната единица, додека општините чии територии исто така ги покрива единицата не издвојуваат средства за оваа намена.

– Сепак мора да потенцирам дека Општина Куманово во најголем дел од трошоците на противпожарна единица во Куманово учествува лично со сопствени средства, додека останатите општини коишто ги покриваме не издвојуваат ниту еден единствен денар, посочи Димитриевски.

Тој додава дека ова прашање повеќепати било отворено и на седниците на ЗЕЛС.

– Тоа го разговараме неколку пати на седници на ЗЕЛС и укажуваме на тоа, но факт е дека одредени општини поедноставно имаат друг да се грижи за нивната безбедност, рече Димитриевски.

Градоначалникот нагласи дека Куманово и понатаму ќе продолжи да реагира на повиците за помош од соседните општини и институции, но притоа како примарна обврска ја посочува безбедноста на сопствената територија.

Димитриевски упати и апел до граѓаните да бидат особено внимателни во периодот со висок ризик од пожари.

– Апелирам до граѓаните да останеме будни, дополнително одговорни, да внимаваме со отпушоците, особено опожарување на стрништа и други земјоделски површини, бидејќи во тие случаи доаѓаат до несакани последици, апелираше градоначалникот.

Како дополнителен ризик ги посочи и силните ветрови, кои, според укажувањата од граѓаните, може да придонесат за појава на пожари на отворен простор поради спој на жици од електричната инсталација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитриевски: Пожарникарите помагаат во Липково, но не…

Пожарите во овој период од годината веќе…

Силјановска-Давкова во Таранто со поддршка за најбројната…

Македонија настапува со 88 спортисти во 19…

Рама за неинтонирањето на албанската химна во…

По реакцијата на Министерството за Европа и…

Тепачки и закани го одбележале вчерашниот ден…

Два одделни инцидента се случиле за само…

Уапсен 82 годишник, ја тепал сопругата подолг…

На 20.08.2026 во 15:05 часот во Велес,…