Државата со нов план за побезбеден сообраќај: Предлог – националната стратегија влегува во собраниска процедура

t

Состојбата на македонските патишта е сериозен проблем и државата тоа го признава во предложената Национална стратегија за безбедност на сообраќајот 2026–2030. Анализата во документот покажува дека бројот на сообраќајни незгоди постојано расте.

Во 2024 година се регистрирани 124 фатални незгоди и целта е да се преполови таа бројка, за четири години од сега. Намалување од педесет проценти е предвидено и кај вкупниот број на настрадани.

Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот влегува во собраниска процедура идниот четврток, за кога е ставена на Комисија за одбрана и безбедност.

„Проекциите за периодот 2025–2030 година укажуваат на континуиран пад на бројот на лица со смртни последици, изведен преку експоненцијален модел на постепено намалување. Бројот на загинати лица би се намалил од 127 во 2025 година на 71 во 2030 година, што претставува вкупно намалување од 50% во однос на нивото во 2024 година. Овој тренд е резултат на подобрените безбедносни стандарди, зголемената ефикасност на полициските контроли, употребата на современи технолошки решенија за детекција и спречување на прекршоци, како и на засилените превентивни и едукативни кампањи за одговорно учество во сообраќајот“, пишува во дел од текстот на предлог-стратегијата.
Како главни ризици се наведуваат брзото возење, алкохолот и психотропните супстанции, ниската сообраќајна култура, лошата инфраструктура и староста на возниот парк.

Во моментов, добро е што едукацијата е еден од приоритетите, вели сообраќајниот вештак Дејан Трпевски, но смета дека спроведувањето на стратегијата нема да оди брзо.

„Мислам дека најголем акцент треба да се стави на едукативниот процес и инфраструктурата, затоа што едукативниот процес ќе влијае на возачот како единка. Меѓутоа тоа е на подолги релицаии. И на инфраструктурата којашто треба да се подобри за да може да се избегнат сообраќајните незгоди, тоа што го имаат дефинирано како „vision zero” односно нула број на загинати, што сметам дека е невозможна мисија“, изјави Дејан Трпевски, сообраќаен вештак.
Во документот се наведени засилени технички прегледи, дигитален регистар на возила, построга контрола на станиците за технички преглед и програма за обновување на возниот парк со субвенции и даночни олеснувања, како мерки за подобрување на состојбата.

Просечната старост на возилата е над 18 години.

„Со оваа куповна моќ на населението и овие давачки коишто ги има во државата тоа многу тешко се постигнува. За едно возило коешто чиниј дванаесет илјади евра во Германија, половно да го купите и да го донесете овде треба да платите речиси пет илјади евра други давачки. Автоматски возилото станува седумнаесет илјади евра. Во тој дел не треба да се оди со субвенции туку треба драстично да се намалат давачките коишто се да кажеме за јаглерод диоксид, за даноците, нека бидат возилата со повластена даночна стапка од 5% наместо 18%“, вели сообраќајниот вештак Дејан Трпевски.
Во стратегијата се промовира и идејата за интелигентен систем за мониторинг на сообраќајот.

Се предвидуваат и подобра сигнализација, осветлување, заштитни огради и мерки за намалување на брзината во урбаните средини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Државата со нов план за побезбеден сообраќај:…

Состојбата на македонските патишта е сериозен проблем…

Русија подготвува огромен потег по изборите, Зеленски…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Киев…

Иран пронајде богатство под земја! Откриено гасно…

Иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад денес…

Пожар во Илиден во близина на бензинска…

Пожар избувна во и околу каналот што…