Почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце: На 10,5 километри ќе има пет тунели и осум мостови
Почнува изградбата на најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10.5 км ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите, изјави директорот на Јавното претпријатие Коце Трајановски на денешното поставување на камен темелник за започнување на изградбата на втората фаза на автопатот Скопје-Блаце.
„Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со отпочнувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од околу 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на „Гранит“ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што не поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и Србија преку Косово“, рече Трајановски.
Тој уште рече дека финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.
Трајановски во својот говор се осврна и на техничките карактеристики на автопатот кој ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од околу 27,5 метри.
„Ова е најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10.5 км ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии и кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите. Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕидови. Рокот на изградба е 4 години“, рече Трајановски.
Тој додаде дека автопатот Скопје – Блаце ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата, додека постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и останатите граѓани.
На поставувањето на камен темелникот присутни беа и премиерите на Македонија и Косово, како и ресорните министри за транспорт и други политичари, владини функционери, пратеници, амбасадори и директори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце:…
Почнува изградбата на најсложениот и најтешкиот автопат…
(Видео) Драма во Хамбург: 23 луѓе три…
Дваесет и три лица поминаа околу три…
Двајца грабнувачи од демиркаписко добија по 6…
Двајца грабнувачи од село Корешница, демиркаписко, добија…
Турција се подготвува за најлошото: Во сценаријата…
Турското Министерство за одбрана се подготвува за…
Водно доби нов моторички парк од остатоците…
Нашето Водно од денес е побогато со…