Само еден бесплатен влез во 24 часа со исто возило – таксистите се спротивставуваат на новото ограничување на скопскиот аеродром

t

Од 1 септември стапуваат во сила нови правила за сообраќајот и паркирањето на патот пред терминалот на Меѓународниот аеродром Скопје.

Според „ТАВ Македонија“, возилата ќе може бесплатно да застанат до 10 минути за преземање или оставање патници, но оваа можност ќе биде дозволена само еднаш во период од 24 часа.

Влезовите ќе се контролираат преку систем за идентификација и автоматско препознавање на регистарските таблички, а возилото што ќе влезе по вторпат во истиот ден повеќе нема да има право на бесплатното 10-минутно застанување.

„Промената има за цел одржување непречен проток на возила и обезбедување безбедни услови за сите патници, посетители и возачи. Со автоматското препознавање на регистарските таблички ќе овозможиме ефикасно управување со пристапот, особено во периоди на максимална оптовареност со зголемена фреквенција на сообраќајот“, велат од ТАВ Македонија.

Здружението на таксисти се спротивставува на новиот режим на Скопскиот аеродром, наведувајќи дека ограничувањето на бесплатниот влез на еднаш во 24 часа ја отежнува работата на лиценцираните таксисти кои во текот на денот вршат повеќе трансфери.

Според нив, мерката може да предизвика дополнителни трошоци за патниците, особено за лицата со попреченост. Тие предлагаат бесплатното 10-минутно застанување да биде дозволено неколкупати дневно или да се воведе поразумен временски интервал меѓу влезовите.

Здружението бара и појаснување од ТАВ Македонија за обработката на податоците од регистарските таблички и изразува загриженост дали новите правила создаваат еднакви услови за сите такси-оператори.

„Не бараме неограничено задржување пред терминалот. Бараме разумно решение: строго почитување на максималното време за кратко застанување, можност за повеќе краткотрајни влезови во текот на денот и, доколку е потребно, воведување разумен минимален интервал меѓу два бесплатни влеза. Очекуваме ТАВ Македонија јавно да ја образложи потребата и основата за воведувањето на ограничувањето од 24 часа, а од надлежните институции очекуваме да испитаат дали ваквиот режим е оправдан и дали обезбедува еднакви услови за сите учесници на пазарот“, вели Здружение на таксисти.

Здружението на таксисти, исто така, очекува Комисијата за заштита на конкуренцијата да испита дали различните услови за пристап до аеродромската инфраструктура ја ограничуваат конкуренцијата или создаваат неоправдана предност за одреден оператор.

Краткотрајно задржување:

•            До 1 час – 100 денари

•            До 2 часа – 150 денари

•            До 3 часа – 200 денари

•            Од 3 до 4 часа – 300 денари

•            Од 4 до 6 часа – 400 денари

•            Од 6 до 8 часа – 500 денари

•            Од 8 до 24 часа – 1.000 денари

Повеќедневен престој:

•            Од 3 до 5 дена – 3.500 денари

•            Од 5 до 7 дена – 4.500 денари

•            За секој нареден ден – дополнителни 400 денари

Инаку, за возачите на кои им е потребен подолг престој или треба повеќепати во текот на денот да влегуваат на аеродромот, Меѓународниот аеродром Скопје нуди главен паркинг со 1.200 места за автомобили и 6 места за автобуси.

Цените за овој паркинг започнуваат од 100 денари за престој до 1 час, додека за престој од 8 до 24 часа цената е 1.000 денари. Паркирањето од 3 до 5 дена чини 3.500 денари, со дополнителна такса од 400 денари за секој нареден ден.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Само еден бесплатен влез во 24 часа…

Од 1 септември стапуваат во сила нови…

Грција ќе распореди база за дронови на…

Турските власти се загрижени поради извештаите дека…

Непал и Кина предупредуваат на нови поплави,…

Непал и Кина предупредија на можност од…

Гори на девет места низ Македонија, два…

На ден 27.08.2026 година, до 18:00 часот,…

Се степале двајца кумановци на 75 и…

Полициски службеници од СВР Куманово вчера во…