Обвинителствата со недостиг од 67 обвинители

t

Јавното обвинителство во 2025 година работело со 67 обвинители помалку од предвиденото, а и покрај зголемувањето на кадарот за речиси 10 проценти во текот на годината, резултатите во ажурноста не се подобриле. Ова го покажуваат годишните извештаи на Јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители, кои денеска се најдоа пред собраниската Комисија за политички систем.

На крајот на 2025 година во обвинителствата работеле 194 јавни обвинители од систематизирани 261 места, односно биле пополнети само 74,3 проценти од позициите. Во однос на 2024 година бројот на обвинители бил зголемен за 25, или за 9,6 проценти, но во самиот извештај се констатира дека тоа не довело до подобри резултати во совладувањето на предметите.

Најалармантна е состојбата во дел од помалите обвинителства. Берово, Делчево и Свети Николе повеќе години функционирале без основен јавен обвинител, а во дел од нив работел само по еден обвинител. Во Вишото обвинителство Битола од предвидени осум позиции во 2025 година функцијата ја вршеле само двајца, додека во обвинителствата на подрачјето на Штип недостигале вкупно 13 обвинители. Во ОЈО Кочани од предвидени шест работеле тројца.

Кадровскиот дефицит директно се одразува и врз брзината на постапките. Од вкупно 31.067 познати полнолетни лица по чии предмети се постапувало во 2025 година, обвинителствата решиле пријави за 20.247 лица, или 65,2 проценти. На крајот на годината останале нерешени предмети за 10.820 лица, односно 34,8 проценти од вкупниот број. Самото Јавно обвинителство во извештајот оценува дека ажурноста од 65,2 проценти е незадоволителна.

Во исто време, основните обвинителства во 2025 година примиле нови кривични пријави против 25.615 сторители – 19.976 полнолетни лица, 1.124 деца и 4.515 непознати сторители. Ако се додадат и предметите пренесени од претходните години, обвинителствата постапувале по случаи поврзани со повеќе од 77.000 сторители од сите категории.

Советот на јавните обвинители, пак, во 2025 година примил 152 претставки од граѓани и правни лица. Најголем дел биле поднесени од физички лица, а меѓу најчестите забелешки биле долгото траење на постапките и незадоволството од донесените одлуки. Претседателот на Советот Башким Бесими пред пратениците оцени дека недостигот на обвинителски и административен кадар останува најголемиот проблем за функционирањето на системот.

Обвинителството се жали и на недоволно пари. За 2025 година побарало буџет од околу 1,45 милијарди денари, а му биле одобрени околу 885 милиони денари. Во официјалниот извештај се наведува дека иако Законот предвидува за обвинителството да се издвојуваат средства до 0,4 проценти од ребалансираниот државен буџет од претходната година, во пракса се одобрува околу половина од тој законски праг.

Дополнителен проблем е одливот на административен кадар. Од Обвинителството велат дека недостигаат вработени во човечки ресурси, јавни набавки и финансии, што понекогаш создава парадоксална ситуација – институцијата не успева целосно да ги потроши ниту средствата што веќе ѝ се одобрени, бидејќи нема доволно луѓе кои треба да ги спроведат постапките.

И покрај овие слабости, Јавното обвинителство во генералната оценка наведува дека обвинителствата во 2025 година функцијата ја извршувале законито, стручно и „релативно ажурно“. Во првостепените судски постапки биле донесени одлуки за 9.729 лица, од кои 9.081, односно 93,3 проценти, биле осудителни пресуди.

Годишниот извештај пред пратениците го образложуваше обвинителот Златко Биковски, бидејќи републичкиот јавен обвинител Ненад Савески не присуствуваше поради, како што беше наведено, работни обврски. Неговото отсуство предизвика критики и од власта и од опозицијата, со забелешки дека првиот човек на Обвинителството треба лично да даде отчет пред Собранието, кое го избира.

Расправа потоа прерасна и во политичко препукување. Пратеникот Малиша Станковиќ праша зошто нема повеќе процесуирани случаи против функционери од претходната власт, додека Соња Мираковска од НСДП возврати дека ефикасноста на Обвинителството не треба да се мери според партиската припадност на лицата против кои се водат постапки.

Комисијата не ги разгледа најавените извештаи на Судскиот совет и Судскиот буџетски совет, бидејќи претседателот Александар Камбовски не се појави да ги образложи.

Годишните бројки така покажуваат двоен проблем во обвинителскиот систем – недостигаат и луѓе и пари, но истовремено зголемувањето на бројот на обвинители во 2025 година не донело мерливо подобрување на ажурноста. Токму тој дел од извештајот остава најголем простор за прашањето дали проблемот е само во ресурсите или и во организацијата и ефикасноста на самото Обвинителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинителствата со недостиг од 67 обвинители

Јавното обвинителство во 2025 година работело со…

Тошковски: Од вчера „Сејф Сити“ почна да…

Системот „Безбеден град“ од вчера почнал автоматски…

Пожарот кај Тетово започна од детска игра,…

Претпладнево избувна пожар над православните гробишта во…

Татјана Ким е најбогатата Русинка петти пат…

Основачката на компанијата Wildberries и менаџерка на…

Само еден бесплатен влез во 24 часа…

Од 1 септември стапуваат во сила нови…