Димитријевиќ испиша историја, стана прв Македонец со трипл-дабл за репрезентацијата
Ненад Димитријевиќ се врати во македонската репрезентација по две години пауза и веднаш остави историски печат. Новиот кошаркар на грчки Арис блесна во убедливата победа над Австрија со 91-59, остварувајќи го првиот трипл-дабл во историјата на македонската репрезентација.
Димитријевиќ натпреварот го заврши со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции, со што стана првиот македонски репрезентативец кој на еден меч стигнал до двоцифрен учинок во три статистички категории. Капитенот и претходно беше блиску до ваков подвиг. Во февруари 2024 година против Полска запиша 32 поени, осум скока и осум асистенции, додека против Естонија имаше учинок од 25 поени, осум скока и осум асистенции.
Пред Димитријевиќ, најблиску до ваков разновиден статистички учинок беше Итан Хап. На натпреварот против Естонија во февруари 2024 година тој забележа 18 поени, 10 скока, четири асистенции и четири блокади.
Иако Димитријевиќ испиша нова страница во историјата, рекордот за најмногу постигнати поени во еден натпревар и понатаму е во сопственост на легендарниот Петар Наумоски. Наумоски во 1997 година против Полска постигна неверојатни 49 поени, а на истиот натпревар имаше индекс на ефикасност од 45, што и денес останува највисок учинок на еден македонски репрезентативец.