Од 1.670 евра до над 2.150 евра за квадрат: Становите во Скопје драстично поскапеа

t

Пазарот на недвижности во Европа продолжува да бележи раст на цените, а трендот особено е изразен во градовите кои до неодамна важеа за попристапни за купување дом. Меѓу нив е и Скопје, каде што цените на становите значително пораснаа во изминатиот период.

Според најновите податоци на Евростат за првиот квартал од 2026 година, цените на станбените објекти во Европската Унија пораснале за 5,1 отсто на годишно ниво, додека кириите се зголемиле за 3 отсто. И двата показатели се над стапката на инфлација од 2,3 отсто во Унијата.

Растот на трошоците за домување се чувствува и во домашните буџети. Во текот на 2025 година, просечниот жител на ЕУ издвојувал 18,9 отсто од расположливиот приход за домување, а во неколку земји тој удел надминал 30 отсто.

Сепак, разликите меѓу европските градови се огромни. Додека Париз, Лондон, Цирих и Луксембург се меѓу најскапите пазари, дел од престолнините на Балканот и понатаму нудат значително пониски цени.

Скопје, според достапните податоци, и натаму се вбројува меѓу најпристапните европски престолнини за купување недвижност, иако разликата во однос на другите балкански градови забрзано се намалува.

Во првата половина од 2026 година, просечната барана цена за продажба на стан во Скопје изнесувала околу 2.156 евра за квадратен метар, според податоците на „ЦенаКвадрат“. Тоа значи дека стан од 60 квадратни метри би чинел околу 129.400 евра.

Највисоки цени се забележуваат во Општина Центар, каде што квадратен метар во новоградба на атрактивна локација достигнува близу 3.000 евра. Во споредба со минатата година, кога просечната цена во Скопје се движеше околу 1.670 евра за квадрат, растот е значителен.

Порастот на цените во Скопје беше забележан и од Народната банка, која во последниот квартал од 2025 година регистрираше годишен раст од околу 25 отсто на цените на становите во главниот град.

И покрај тоа, Скопје и понатаму е поевтино од повеќе други балкански престолнини.

Во Букурешт, просечната цена на новоизградените станови во средината на 2026 година достигнувала околу 2.636 евра за квадратен метар. Во Софија цените се движат приближно меѓу 2.300 и 2.600 евра за квадрат, додека во Сараево просечната цена е околу 2.700 евра за квадратен метар.

Белград е уште поскап, со просечни цени од околу 3.080 до 3.100 евра за квадратен метар. Во Загреб, пак, станбениот квадрат достигнува околу 4.086 евра.

Ако се споредат само цените во централните градски подрачја на големите европски градови, разликите се уште поголеми. Според истражувањето на Истражувачкиот институт на Дојче банк, Истанбул е меѓу најевтините со околу 2.646 евра за квадратен метар, додека Цирих и Женева се на спротивниот крај со 22.910, односно 19.439 евра за квадрат.

Париз, со околу 13.710 евра за квадратен метар, е меѓу најскапите европски градови, пред Лондон со околу 12.890 евра и Луксембург со околу 11.247 евра.

Експертите како главни причини за растот на цените ги посочуваат недоволната нова понуда во големите градови, зголемената побарувачка и странските инвестиции. Новата изградба во многу урбани средини не успева да го следи растот на побарувачката, што создава дополнителен притисок врз цените.

Растот, сепак, не е ист во сите земји. Во првиот квартал од 2026 година, Португалија имала најголем годишен раст на цените на станбените објекти во ЕУ од 17,8 отсто, пред Бугарија со 14,8 отсто, Словачка со 14,4 и Хрватска со 14,3 отсто.

Од друга страна, во Франција растот изнесувал само 0,1 отсто, во Германија 1,4 отсто, додека Финска била единствената земја во ЕУ со пад на цените, од 2 отсто.

Кириите во просек растат побавно од продажните цени, но и тука има исклучоци. Во Хрватска, на пример, годишниот раст на кириите достигнал дури 39,1 отсто.

На пазарот дополнително влијаат и каматните стапки. Хипотекарните камати во најголемиот дел од еврозоната се очекува краткорочно да останат релативно стабилни, главно во рамките од 3 до 4 отсто, но повисоките приноси на државните обврзници би можеле во иднина да ги зголемат трошоците за задолжување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од 1.670 евра до над 2.150 евра…

Пазарот на недвижности во Европа продолжува да…

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Водата во Скопје е квалитетна и безбедна…

Вечерва ќе се спроведе 13-тата дезинсекција против…

Вечерва на подрачјето на градот Скопје, ќе…

Водата во Скопје е исправна за пиење,…

Водата во Скопје е безбедна и ги…

Секторот за компјутерски криминал повика 13 лица…

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста…