Јаневска со порака до првачињата: Да бараат да стекнат братче или сестриче
Спремни сме за учебната година, учебници има, видливо е дека инфраструктурата се подобрува, дека обезбедуваме технички помагала и сè што е потребно. Имаме кошничка со поевтин училиштен прибор. Им пожелувам на сите многу, многу успех – изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневска им посака успех на учениците и на нивните наставници, со порака вредно да учат и да другаруваат.
Во однос на затворањето на училишта во државата, главно во руралните средини поради недоволен број ученици, Јаневска со пораки за подобрување на демографијата.
– Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме. Населението да стане свесно колку човечкиот капитал е значаен, пред сè за нив самите и нивниот живот и, секако, за нивната држава – нивната татковина. Затоа што сите знаеме што значи да се живее во една прогресивна и доброразвиена земја – рече Јаневска.
На новинарско прашање за намалениот број на првачиња од речиси 3.000 за разлика од лани на ниво на држава, Јаневска, претходно, од ОУ „Киро Глигоров“, одговори дека „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а дека во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.
– Пред две години направивме три сликовници за прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“. Се надевам дека училиштата ги користат. Сè што правиме е многу сериозно – инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња – рече министерката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Започна полагањето на државната матура – Јаневска…
Петнаесет илјади матуранти денес полагаа испит по…