Зајкова: 35 години независност – доволно беше барање виновници, време е за одговорност
На 8 септември пред 35 години избравме сами да бидеме господари на сопствената судбина. Денес, три и пол децении подоцна, време е барем на Денот на независноста да престанеме да се лажеме дека за сè што не функционира секогаш е виновен некој друг, вели Моника Зајкова, лидер на ЛДП.
„Имам 35 години. Родена сум во независна Македонија. Не паметам друг државен систем, но паметам држава која целиот мој живот е во некаква „реформа“ што никако да заврши.
Во политиката влегов затоа што верував, и сè уште верувам, дека работите можат да се менуваат.
Предолго го гледаме сценариото: едните доаѓаат затоа што другите биле лоши, а кога ќе седнат во нивните фотелји, не ги укинуваат лошите практики – ги усовршуваат.
Она што вчера беше „партизација“, денес станува „кадровска политика“. Она што вчера беше „лош закон“, денес станува „реформа“. Она што вчера беше „преголема администрација“, денес добива уште министри, заменици, директори, заменици, управни и надзорни одбори и нови функции.
Се менуваат партиите на власт, а системот останува. Само денес станува и поскап, погломазен и понеодговорен.
И тука мора да престане приказната дека „сите се исти“.
ЛДП била дел од политичкиот систем и не бега од својата одговорност. Но низ годините сме покажувале дека можело и може поинаку.
Уште во годините на транзицијата, Петар Гошев предупредуваше на последиците од моделот на приватизација и се залагаше за поинаков и поправичен концепт, наместо процес што создаде длабоки економски и социјални неправди чии последици ги чувствуваме и денес.
Кога Ристо Пенов го водеше Скопје, се градеше и модернизираше главниот град.
Кога Јован Манасиевски ја водеше одбраната, се спроведуваа сериозни реформи, трансформација и професионализација на Армијата и се градеа капацитетите за евроатлантската иднина на државата.
Како нови генерации на ЛДП продолживме со истата идеја – не само да критикуваме, туку да нудиме решенија.
Го инициравме и го преточивме во закон субвенционираниот студентски оброк, мерка која ја користат денес илјадници студенти.
Предлагаме укинување на голем дел од банкарските провизии и зауздување на банките– затоа што сметаме дека граѓаните не треба да плаќаат сè поскапи провизии за пристап до сопствените пари.
Предлагаме кратење на бројот на министерства, на купиштата директори, заменици директори, управни и надзорни одбори, непотребни функции и институции и мал, професионален и ефикасен државен апарат, наместо држава што постојано создава нови фотелји.
Предлагавме и поинаков Кривичен законик – систем во кој времето нема да биде сојузник на функционерите што ја злоупотребиле власта и во кој застарувањето нема да биде најдобриот адвокат на политичарите.
Не секогаш сме успевале нашите предлози да станат реалност. Најчесто биле препишувани од поголемите без да имаат капацитет соодветно да фи спроведат, но се почесто и биле загушувани без дебата и аргументи.
Но тоа е суштинската разлика: дали влегуваш во политиката за да го браниш системот затоа што во моментот ти одговара или за да се обидеш да го промениш.
Затоа денес одбивам да прифатам дека единствениот избор на Македонија е бесконечно менување на доминантно две партии, додека секоја наредна власт ги презема, а денешната и ги усоврши грешките на претходната.
Особено е поразително што денес сведочиме на хипокризија на власта. Односно власт која го практикува токму она што до вчера најгласно го критикуваше.
Не ја добивте власта за да ни објаснувате што правеле претходните. Ја добивте затоа што ветувавте дека вие нема да го правите истото.
Ако законите повторно се кројат според кадровски потреби, ако за да биде директор не треба да исполниш критериум туку ти менуваат закон по твоја мерка, ако институциите повторно се полнат според партиски потреби, ако функциите повторно се множат, а за грешките и злоупотребите повторно никој не одговара, дури и е награден со нова функција – тогаш тоа не е промена.
Тоа е само полоша промена на корисниците на истиот систем.
35 години подоцна, уште го „реформираме“ судството, ја „департизираме“ администрацијата, ја „градиме“ правната држава и чекаме функционално здравство, образование и инфраструктура.
Ако по 35 години сè уште сме во фаза на темели, тогаш некој сериозно крадел од цементот. И конечно мора да има име, презиме и одговорност.
Доста е од „тие пред нас“.
Доста е од реформи што никогаш не завршуваат. Од закони што важат за граѓаните, а се растегнуваат за функционерите. Од политичка одговорност што завршува со прес-конференција и институционална одговорност што завршува со застарување.
35 години се доволни за алиби
На Македонија не ѝ треба само смена на чуварите на истиот систем.
На Македонија ѝ треба промена на системот.
Одговорност со име и презиме. Институции што нема да менуваат партиска боја по секои избори. Професионална администрација. Помал и поефикасен државен апарат. Закони што важат еднакво за сите. И функционери кои знаат дека функцијата не е сопственост, туку привремена одговорност пред граѓаните.
Тоа за мене е смислата на независноста.
Не само сами да одлучуваме, туку конечно да научиме одговорно да управуваме со она што самите сме го избрале.
Затоа на 35-годишнината од независноста мојата порака не е само честитка. Таа е и повик:
Државата пред партијата.
Институциите пред функциите.
Одговорноста пред изговорите.
Граѓаните пред популизмот и ПР-от за рејтинзи.
Зашто, ако уште 35 години продолжи смената само во фотелјите, младите нема да чекаат да ја смениме државата – независно од нас ќе си ја бараат иднината во други држави.
Македонија не е ничија партиска сопственост. Таа е нашиот заеднички дом. А резервна татковина немаме.
Нека ни е честит Денот на независноста“, вели Зајкова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зајкова: 35 години независност – доволно беше…
На 8 септември пред 35 години избравме…
„Со секое заминување се прекинува нишка во…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 8 Септември…
27-годишник од Македонија убиен во Берлин
Дваесет и седумгодишен македонски државјанин од Радуша…
Латвија планира да воведе царина од 300…
Владата на Латвија планира да воведе царина…
Путин постави рок за освојување на Доњецк…
Кремљ поставил нов рок до кој руските…