„Европската иднина не се гради со намалување на правата“: порака од Ахмети за 35 години независност
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија, порача дека празникот е можност да се потсетиме на патот по кој поминала државата, но и да се размисли каква држава ќе им биде оставена на идните генерации.
Ахмети во објавата посочува дека државата не е изградена за еден ден, ниту само од една заедница, но дека со години дел од граѓаните, особено Албанците и другите немнозински заедници, не се чувствувале како нејзин рамноправен дел.
Според него, уставните измени од 1989 година, начинот на воспоставување на уставниот поредок на почетокот на 1990-тите, како и исклучувањето на Албанците и другите заедници од клучните процеси во создавањето на државата, создале длабок јаз меѓу државата и дел од нејзините граѓани.
Ахмети оценува дека 2001 година претставувала соочување со оваа реалност, а Охридскиот рамковен договор, според него, не изменил само одредени уставни одредби, туку ја променил и филозофијата на функционирањето на државата.
„Ја премести земјата од логиката на доминација на мнозинството кон принципот на соживот, еднаквост и заедничка одговорност“, наведува Ахмети.
Тој посочува дека Албанците не барале друга држава, туку се обврзале заедно да ја градат постојната држава.
Во објавата Ахмети наведува дека интеграцијата на заедницата која со децении била настрана од институциите, администрацијата, културата, образованието и јавниот живот не можела да се случи преку ноќ, туку биле потребни реформи, политички напори и промена на начинот на размислување.
Според него, ДУИ го гледала интегрирањето на Албанците и немнозинските заедници не како исклучување на некој друг, туку како градење на пофункционална, подемократска и поправедна држава.
„Дваесет и пет години по Охрид, важно е да не заборавиме дека неговите резултати не ѝ припаѓаат само на една заедница или на една партија. Тие се дел од трансформацијата на самата држава“, пишува Ахмети.
Тој додава дека Охридскиот договор ја зајакнал унитарноста на државата, правејќи ја подемократска, ја направил постабилна преку поголема инклузивност и создал основа за продолжување на патот кон НАТО и Европската Унија.
Ахмети предупредува дека секој обид Охридскиот договор да се претставува како закана за државата, според него, претставува враќање кон дебата на која историјата веќе го дала својот одговор.
„Државите не се ослабуваат со еднаквост. Државите се ослабуваат кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“, наведува лидерот на ДУИ.
Тој изразува загриженост поради, како што наведува, исклучувањето во застапеноста, пречките во употребата на јазиците, неинклузивноста во културата и јавниот живот, како и обидите за поткопување и релативизирање на принципите врз кои бил изграден мирот.
Ахмети посочува дека Северна Македонија за која верувал и за која работел е држава на сите нејзини граѓани, унитарна, демократска и европска држава, изградена врз еднаквоста и меѓусебното почитување.
„Албанците давале и ќе продолжат да даваат свој придонес во нејзиното градење и зајакнување. Но, за тоа е потребна заедничка волја секој граѓанин да ја чувствува оваа земја како своја, а секоја заедница да се препознава себеси во нејзините институции“, пишува Ахмети.
На крајот од објавата, тој порача да се зачува она што е изградено заедно и да се продолжи напред, без враќање кон политики што разделуваат.
„Затоа што европската иднина на Северна Македонија не се гради со намалување на правата на некого, туку со зголемување на довербата меѓу сите“, наведува Ахмети, упатувајќи честитка по повод 35-годишнината од независноста.
„Напред, заедно!“, порача лидерот на ДУИ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Европската иднина не се гради со намалување…
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ),…
Ѓорѓиевски: Македонија ќе оди напред, затоа што…
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по повод…
(Видео) Горат рафинериите на Арамко – цената…
Јеменските хути, поддржани од Иран, нападнаа енергетски…
Зеленски открива: Путин се држи до едно,…
САД испитуваат дали Украина и Русија би…
Фон дер Лајен: Сцените од погребот на…
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…