Затвор до 10 години за величење воени злосторници се предлага во Црна Гора
Црна Гора би можела да воведе затворска казна до 10 години за јавно величење на осудени воени злосторници, доколку Собранието ги усвои предложените измени на Кривичниот законик, јавува „Вијести“.
Измените ги предложи Бошњачката партија (БП), која е дел од владејачката коалиција, а доаѓаат по бурните реакции во јавноста по смртта на поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ.
Младиќ почина на 27 август во затвор во Хаг, каде што издржуваше доживотна казна за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и за воени злосторства. По неговата смрт, тој беше јавно величан од поединци во Црна Гора, меѓу кои и политичари и претставници на Српската православна црква.
Предлогот предвидува казна од шест месеци до пет години затвор за јавно величење, хероизирање, оправдување или претставување како херој, ослободител, заштитник или морален авторитет на лице правосилно осудено за геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства од црногорски или од меѓународен суд.
Како облици на величење се опфатени говори, објави на социјалните мрежи, аудиовизуелни материјали, фотографии, плакати, графити, песни, симболи, одбележување годишнини и организирање јавни собири.
За потешки случаи се предвидени и построги казни.
Од една до осум години затвор би се изрекувале доколку при величењето се употребени принуда или закани, е оштетен имот или се сквернавени споменици и гробови.
Казна од две до 10 години затвор би следувала доколку делото е извршено со злоупотреба на службената положба, или е распространето преку медиуми и интернет, или ако довело до немири и до насилство.
Останатите партии од владејачката коалиција сè уште не се изјасниле дали ќе го поддржат предлогот. Опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) го поддржа воведувањето посебно кривично дело за ваквото однесување.
Министерството за правда соопшти дека за дополнителните измени ќе бидат потребни консултации со посебна работна група и со Европската комисија.