„Фич“ го задржа BB+ кредитниот рејтинг за Македонија

t

„Фич рејтингс“ и натаму ја оценува Северна Македонија со „BB+“ и стабилен изглед, што е само едно скалило под инвестицискиот рејтинг „BBB-“. Оценката значи дека земјата и натаму има способност редовно да ги сервисира финансиските обврски, но е почувствителна на економски и финансиски шокови од државите со инвестициски рејтинг. Во јануари годинава „Фич“ со истата оценка „BB+“ ги оцени и новите еврообврзници на државата.

Она што во последните месеци привлекува најголемо внимание на агенцијата, сепак, не е способноста на земјата да се задолжува, туку колку брзо растат потребите за задолжување и дали буџетскиот дефицит ќе почне убедливо да се намалува.

Во својата најнова подетална оценка за фискалните движења, „Фич“ предупреди дека зголемувањето на целта за буџетскиот дефицит за 2026 година од 3,5 на 4,1 проценти од БДП го ослабува фискалното сидро и создава ризик за стабилизацијата на долгот на среден рок. Ребалансот беше оправдан со дополнителни потреби за тековни и капитални расходи, во висина до 1,1 процентен поен од БДП.

Бројките на кои посочува агенцијата покажуваат дека притисокот не е само сметководствен. Заклучно со мај, буџетскиот дефицит достигнал 2,6 проценти од проектираниот годишен БДП, при раст на приходите од 5,7 проценти и побрзо зголемување на расходите од 8,5 проценти. Особено силно пораснале капиталните расходи – за 44,8 проценти на годишно ниво.

Во исто време, „Фич“ ја намали прогнозата за економскиот раст во 2026 година на 2,9 проценти, наспроти растот од 3,5 проценти во 2025 година. Послабата домашна и надворешна побарувачка, во услови на посложена глобална енергетска и геополитичка средина, може да значи и послаб раст на буџетските приходи – токму во период кога расходите остануваат високи.

Посебно чувствително е прашањето за долгот. Според податоците што ги користи „Фич“, долгот на општата влада се зголемил од 51,6 проценти од БДП на крајот на 2025 на 52,1 процент на крајот од првиот квартал годинава. Пред зголемувањето на планираниот дефицит, агенцијата очекуваше тој сооднос умерено да се намалува и да стигне до околу 51,4 проценти во 2028 година. Новите буџетски потреби, меѓутоа, значат и повеќе задолжување.

Македонија годинава веќе издаде две еврообврзници од по 500 милиони евра, меѓу другото и за рефинансирање на еврообврзницата од 700 милиони евра што достаса во јуни. Во мај бил договорен и синдициран заем од 260 милиони евра за буџетски и рефинансирачки потреби. Од друга страна, државата доби 65,7 милиони евра од европскиот Инструмент за реформи и раст по исполнување на дел од договорените реформски чекори.

Токму фискалната дисциплина е една од главните точки од кои ќе зависи идното движење на рејтингот. „Фич“ претходно јасно наведе дека значително и трајно зголемување на долгот во однос на БДП, како последица на неуспех да се спроведе кредибилна стратегија за фискална консолидација, може да доведе до негативна рејтинг-акција. Од спротивната страна, силно и одржливо намалување на долгот, подобрено управување со јавните финансии, повисок потенцијален раст и напредок во евроинтеграциите можат да отворат простор за подобар рејтинг.

Македонија, сепак, има и неколку важни адути. „Фич“ традиционално ги издвојува доследната макроекономска политика, долготрајната стабилност на денарот во однос на еврото и релативно поволните показатели за управување во споредба со државите со сличен кредитен профил. Позитивно се оценува и евроинтеграцискиот процес како потенцијално сидро за институционални и структурни реформи. Наспроти тоа стојат малата економија, слабата продуктивност, структурните проблеми на пазарот на трудот и релативно високата евроизација.

Така, зад едноставната ознака „BB+ – стабилен изглед“ се крие доста посложена порака. За инвеститорите Македонија сѐ уште не е земја со влошен кредитен профил, но просторот за комотно зголемување на дефицитите станува потесен. Следниот чекор – кон инвестициски „BBB-“ или во спротивна насока – сѐ повеќе ќе зависи од тоа дали економскиот раст ќе биде придружен со реална фискална консолидација, а не само со ново задолжување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Фич“ го задржа BB+ кредитниот рејтинг за…

„Фич рејтингс“ и натаму ја оценува Северна…

Анкета во Германија: Дури 78 отсто од…

Големо мнозинство Германци повеќе не сметаат дека…

НОВА ЗАКАНА ОД АВГАНИСТАН: Ал Каеда повторно…

Исламистичката терористичка организација Ал Каеда повторно воспоставила…

Мицкоски го сподели Гета: Ова не беше…

Ова не беше само голем музички настан,…

Медведев: Литванија би можела да исчезне од…

Русија ќе мора да реагира ако Литванија…