Британка 11 години примала хемотерапија за рак којшто го немала

t

Британка цели 11 години примала хемотерапија за рак, за кој што дознала дека всушност го немала. Од долгогодишното примање терапии таа имала тешки последици, нарушен ѝ бил животот и кариерата, пишува Би-би-си.

Беки Џонс имала само 21 година кога лекарите ѝ кажале дека има терминален тумор на мозокот и дека ѝ остануваат само неколку месеци живот. Штом го запознала својот партнер и почнала да сонува за кариера во полицијата, нејзината иднина одеднаш изгледала сосема поинаква. Дијагнозата ѝ ја поставил искусен онколог, што ѝ го променило животот. Често била болна, не можела да учествува на семејни собири, нејзината кариера била ограничена и живеела во постојан страв.

Денес, на 33-годишна возраст, неодамна дознала дека всушност никогаш немала рак, туку воспаление на мозокот кое можело да се лекува со стероиди. Мајката на две деца е една од повеќе од 40 пациенти кои покренале судска постапка против здравствениот фонд на Универзитетските болници Ковентри и Ворикшир (UHCW) поради долготраен или непотребен третман на рак.

„Одново и одново ми кажуваа дека ќе умрам без хемотерапија“, раскажува таа.

„Ми го уништи животот“

Професорот Иан Браун, консултант во Универзитетската болница Ковентри, ѝ кажал на Џонс дека ќе мора да го зема лекот темозоломид (TMZ) до крајот на животот. Ова се случило и покрај тоа што упатствата препорачуваат шест циклуси во текот на шест месеци. Кога прашувала на повеќекратните скенирања на кои не се гладало дека има тумор, таа вели дека докторот ѝ рекол дека нема да биде „видлив со голо око“.

Дури во 2025 година, кога почнале да ги разгледуваат случаите на пациенти со рак поврзани со онкологот Браун, таа ја дознала вистината.

„Никогаш не сум имала тумор на мозок. Погрешно ми поставиле дијагноза и поминав низ целиот овој третман поголемиот дел од мојот возрасен живот, без никаква причина“, рекла таа. „Всушност, ми го уништи животот“, додаде таа.

Џонс вели дека ефектите од долгогодишното земање лекови биле „страшни“.

„Постојана гадење, болки во стомакот, рани во устата, секојдневен замор – беше ужасно“, рекла таа.

Лекот влијаел на секој дел од нејзиниот живот. Поради стравот од инфекции, таа избегнувала социјални настани и семејни собири. Првично, нејзината возачка дозвола била одземена, а подоцна нејзината употреба била ограничена.

„Пред третманот, постојано одев во теретана, трчав, а Питер и јас често излегувавме на вечери, што повеќе не можев да го правам“, објасни таа.

На двојката исто така им било кажано и дека таа нема да може да забремени.

„Подоцна добив две деца, а тој ми рече дека и двете се чуда“, рече таа.

Многу од другите пациенти на Браун изјавија за Би-би-си дека со години им бил даван лекот TMZ, предизвикувајќи разни сериозни здравствени проблеми.

Една пациентка верува дека лекот ја направил неплодна, додека друга развила леукемија по 100 непотребни циклуси.

Прелиминарните наоди од прегледот на Кралскиот колеџ на лекари (RCP) покажаа дека на болничките пациенти рутински им биле давани продолжени третмани со лекот, со „мали или никакви докази за корист“.

Во извештајот се вели дека пропустите на болничкиот персонал претставуваат „предавство на довербата на пациентите“. Исто така, беше прашано зошто тимовите на болничките онколошки аптеки не ги оспориле случаите на пациенти кои континуирано примале орална хемотерапија 10 до 15 години.

UHCW изјави дека нема да коментира за поединечни случаи, но дека се преземени мерки за да се обезбеди „построг надзор врз препишувањето и употребата на TMZ“.

Би-Би-Си направи неколку обиди да контактира со пензионираниот професор.

Третманот на Џонс продолжил повеќе од една деценија, сè додека во 2024 година одеднаш не добила телефонски повик од нејзиниот лекар во кој ѝ кажал дека хемотерапијата е прекината.

„Немаше никаква причина за тоа. Ми кажа дека Иан Браун се пензионирал – тоа беше првиот пат кога слушнав за тоа“, рече таа.

И било кажано дека на сите прашања ќе одговори нејзиниот нов онколог, но не ѝ било дадено неговото име.

„Не знаев што да правам, на кого да се обратам и со кого да разговарам бидејќи немав никаква поддршка од болницата во тој период“, рече таа.

Во мај 2025 година, по независна анализа од неврохирург и радиолог побарана од нејзините адвокати во нејзино име, таа дознала дека никогаш немала рак на мозокот.

Всушност, таа страдала од тумефактивна демиелинизација – воспаление кое обично го лекува невролог, кој би препишал силни стероиди.

Џонс ја дознала веста за време на видео повик со нејзините адвокати и експерти.

„Кога дознавме, сите плачевме“, рече таа.

Ревизијата во која професорот Иан Браун не е именуван, но е наведен како „Д-р Y“, открила дека од 20 прегледани случаи, 15 биле „крајно незадоволителни“. Консултантот не учествувал во ревизијата.

Тимот за ревизија открил дека има „малку докази“ за разбирање и документирање на ризиците поврзани со земањето на лекот. Во прелиминарните наоди, во некои случаи се наведува недостаток на соработка со колеги од различни медицински области, што дозволило можни грешки во дијагнозата да продолжат.

Џонс ги опиша наодите како „застрашувачки“.

„Не станува збор само за тоа што правел, туку за тоа како му дозволиле да работи независно толку долго“, додаде таа.„Беше речиси како да водел своја емисија и немало никој таму да го надгледува тоа што го прави“.

Понатамошни истраги

Портпаролот на UHCW рече дека сите засегнати пациенти биле прегледани од искусни лекари и дека за нив биле направени „соодветни планови за лекување“.

Болницата, исто така, спроведува независен преглед на своите процедури за пријавување проблеми, предводен од независна страна, за да им овозможи на вработените да се чувствуваат безбедно и поддржано кога покренуваат потенцијални проблеми.

Фондот соопшти дека ќе го анализира целиот извештај на RCP кога ќе биде објавен и ќе преземе понатамошни соодветни мерки врз основа на своите наоди.

„Сакаме да ја увериме нашата заедница дека безбедноста на пациентите, искуството на пациентите и благосостојбата остануваат наши највисоки приоритети“, се вели во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Британка 11 години примала хемотерапија за рак…

Британка цели 11 години примала хемотерапија за…