Почина Гиц – музичар и сопственик на култното кафуле на некогашната скопска „шема“ – „Чао“

t

Почина Глигор Пандиловски – Гиц, музичар, извршен продуцент и долгогодишен скопски угостител, познат на генерации скопјани како сопственик на култното кафуле „Чао“ во Градскиот трговски центар.

Гиц беше дел од скопската музичка сцена уште во седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години, кога свиреше тапани во познати скопски состави, меѓу кои и ВИС „Урагани“.

Подоцна се посвети на угостителството и го отвори „Чао“ во ГТЦ, локал кој со години беше едно од препознатливите собиралишта на младите и важен дел од тогашниот урбан и ноќен живот во центарот на Скопје.

Неговите пријатели го паметат како човек кој бил близок со музичарите и кој им го отстапувал својот локал на младите автори и изведувачи за промоции, прес-конференции, свирки и забави. Во кругот на луѓето што го познавале останала и реченицата дека „додека беа Гиц и ‘Чао’, функционираше и ГТЦ и ноќниот живот во него“.

Последната деценија и повеќе Пандиловски живеел на релација Скопје – Гетеборг, Шведска, но останал поврзан со македонската музичка сцена.

Последните години беше активно вклучен и во организацијата на „Охрид фест – Охридски трубадури“, каде што работеше како еден од извршните продуценти.

Токму од фестивалот се простија од својот долгогодишен соработник и пријател.

„Нашиот драг пријател, македонски тапанар и голем пријател на фестивалот на охридските трубадури, Глигор Пандиловски – ГИЦ, замина тивко, без да се збогува. Договорените средби, планови и радости останаа недовршени, а празнината што ја остави зад себе е тешко да се опише. Твојата насмевка и енергија ќе останат со нас засекогаш. Патувај, наш добар ГИЦ“, порачаа од фестивалот.

Пандиловски имал долгогодишни пријателства и со познати музички имиња од поранешна Југославија. Меѓу нив биле Дадо Топиќ и кантавторот Срѓан Марјановиќ, кои биле и гости на „Охрид фест“.

Марјановиќ емотивно се прости од Гиц, кого го нарече свој пријател и брат.

„Збогум Гиц, пријателу и брате… Додека дишам ќе бидеш во моето срце, како и сето она што го минавме заедно… Патувај со ангелите“, напиша Марјановиќ.

Со смртта на Глигор Пандиловски – Гиц, скопската урбана и музичка сцена загуби човек чие име остана врзано за едно поинакво време на ГТЦ, „Чао“ и ноќниот живот во центарот на градот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ