Тачи: Го повикувам народот да остане мирен и покрај неправдата

t

Поранешниопт претседател на Косово, Хашим Тачи, преку својот адвокат Лука Мишетиќ се огласи по пресудата на Специјализираниот суд во Хаг, кој го осуди на 25 години затвор.

Како што пренесе тој, Тачи се заблагодари за големата поддршка што тој, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи ја добија од народот на Косово и од странство, и ги повика граѓаните на Косово да останат мирни во врска со вчерашната неправда.

Тој исто така наведе дека ќе биде поднесена жалба на пресудата поради правни и фактички грешки кои ја нарушиле праведноста на постапката.

„За време на целото судење, одбраната во повеќе наврати изрази загриженост во поглед на процесната праведност, вклучително и обемниот опсег на испрашувања што директно ги спроведуваа членовите на Судскиот совет на начин што не оддаваше впечаток на непристрасност. Одбраната останува на ставот дека судските интервенции ја преминаа границата на неутралното утврдување на вистината, со што е нарушен впечатокот за непристрасност што се бара според меѓународните стандарди за правда. Тој недостаток на непристрасност сега ја прожима и самата пресуда на Судскиот совет“, рече Мишетиќ.

Понатаму, тој вели дека одбраната смета оти заклучоците на Судскиот совет за вината надвор од разумно сомневање се потпираат врз недоволни и непотврдени докази.

„Судскиот совет вчера јавно тврдеше дека Тачи бил умешан во убиството на Бехајдин Алаќи, откако претходно им наложи на сите страни во постапката да не расправаат за случајот Алаќи на јавните седници на судот и откако наложи сите докази во врска со тој случај да останат доверливи. Судскиот совет така јавно го осуди Тачи за убиство, додека истовремено доказите врз кои го засноваше тој заклучок ги скри од увидот на јавноста. Тачи би го поздравил таквиот увид на јавноста во доказите. Одбраната ќе се жали на одлуките на Судскиот совет поради кршење на неговите основни права на праведно судење според Европската конвенција за човекови права и Уставот на Косово“, напиша тој.

Тој порача дека неговиот клиент изрично негира каква било умешаност во убиствата.

„Почитувањето на ригорозните стандарди за процесна праведност е од клучно значење за зачувување на довербата на јавноста во меѓународните кривични институции. Одбраната официјално ќе ја поднесе својата најава за жалба за да ги исправи овие фактички, правни и процесни грешки пред Апелациониот совет“, заклучи тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Тачи: Бугарите ќе бидат трети по…

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи синоќа во…