Груевски бил пред времето: Европа воведува „Купувај европско“
Европа сака да произведува повеќе дома и да биде помалку зависна од производи и суровини од трети земји. За таа цел Европската комисија предложи нов закон – Industrial Accelerator Act, со кој се воведуваат критериуми „Made in EU“ и нискојаглеродно производство во јавните набавки и програмите за јавна поддршка.
Целта е индустриското производство да има поголем удел во европската економија. Европската комисија постави цел неговиот удел во БДП на ЕУ да порасне од околу 14,3 отсто на 20 отсто до 2035 година.
Новите правила особено ги опфаќаат стратешките индустрии – челик, цемент, алуминиум, автомобили, батерии, соларна и ветерна технологија, топлински пумпи и други чисти технологии.
Европа сака европско производство
Суштината на предлогот е едноставна: кога се трошат европски јавни пари, во одредени стратешки сектори предност би можеле да добиваат производите што се произведени во ЕУ и исполнуваат услови поврзани со ниски емисии.
Во септември, европратеници подготвија предлог со уште построг пристап – до 2036 година најмалку 50 отсто од релевантната содржина да биде „Made in EU“. Но, ова е работен предлог и не претставува конечна позиција на Европскиот парламент или конечен закон.
Тоа значи дека правилата допрва ќе се усогласуваат меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
А што значи ова за Македонија?
Тука темата станува особено важна за Северна Македонија.
Македонската економија е силно поврзана со европскиот пазар. Според Државниот завод за статистика, земјите членки на ЕУ учествувале со 59,4 отсто во вкупната надворешнотрговска размена на земјата во периодот јануари–октомври 2025 година.
Уште поважно, меѓу најзначајните македонски извозни производи се автомобилските кабелски сетови, катализаторите и делови за седишта – односно производи кои се дел од европските индустриски синџири на снабдување.
Токму затоа секоја промена на европските правила за потекло и јавни набавки може да биде важна за домашните производители.
Но, постои една клучна разлика: Северна Македонија не е членка на ЕУ. Затоа не може автоматски да се претпостави дека македонски производ ќе се смета за „Made in EU“.
Во самиот предлог на Комисијата постојат правила за потекло на производите и можност одредени услови да се применуваат и кон блиски трговски партнери, но точниот опфат ќе зависи од финалниот текст на регулативата.
Шанса, но и ново условување
За македонските компании ова може да значи две работи.
Од една страна, европските производители би можеле да добијат поголема предност во дел од јавните набавки и европските програми, што може да ја зголеми конкуренцијата за компаниите од земјите надвор од ЕУ.
Од друга страна, компаниите кои веќе се дел од европските синџири на производство би имале мотив да го зголемуваат локалното производство, технологијата, европската додадена вредност и усогласеноста со новите стандарди.
Особено значајно е што македонските компании веќе имаат силна поврзаност со европската индустрија. Во првите десет месеци од 2025 година, извозот на земјата достигнал 6,7 милијарди евра, а ЕУ останува доминантен трговски партнер.
Затоа „Made in EU“ за Македонија не е само прашање на етикета.
Тоа е прашање кој ќе биде дел од европските синџири на производство, под кои услови и со колкава додадена вредност.
Во следниот период ќе биде особено важно да се види дали финалните европски правила ќе овозможат доволно простор за компаниите од земјите кандидати да останат конкурентни и интегрирани во европската индустрија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груевски бил пред времето: Европа воведува „Купувај…
Европа сака да произведува повеќе дома и…
ЦИА предупредува за руска закана со дронови…
Американските разузнавачки служби споделиле извештај со неколку…
Европските разузнавачки служби предупредуваат: Русија би можела…
Европски разузнавачки раководители предупредуваат дека Русија би…
Проди: Ако АфД ја преземе власта во…
Поранешниот италијански премиер и претседател на Европската…
Од 2.800 до 6.300 евра годишно се…
Доаѓањето на бебето повеќето родители го опишуваат…