Украинскиот град Олешки се соочува со глад бидејќи Русија ја блокира целата хуманитарна помош

t

Украинските сили доставија околу 4 тони храна до градот Олешки, кој е под руска окупација во Херсонската област, со помош на дронови. Станува збор за една од најголемите вакви операции од почетокот на војната. Во градот останале околу 2.000 жители, кои се соочуваат со сè потешка хуманитарна криза, која меѓународни организации ја опишуваат како исклучително сериозна.

Олешки е под руска окупација уште од првите денови на целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година. Според информации од терен, преку редовните канали во градот нема пристигнато храна од мај годинава.

Во меѓувреме, руските сили го спречуваат евакуирањето на цивили и активно ги попречуваат обидите за доставување помош со дронови.

Олександар Прокудин, шеф на Воената администрација на Херсонската област, изјави дека руските сили соборуваат дронови кои носат храна, ги конфискуваат или препродаваат залихите што ќе стигнат до земјата, а приведуваат и жители кај кои ќе најдат хуманитарни пратки.

Според сведоштва на жители, руските војници вршат и претреси од куќа до куќа, барајќи ја храната што ја доставиле дроновите.

Украинските сили доставуваат помош со дронови преку Днепар уште од март, соопшти регионалната администрација. Поради безбедносни причини, не се откриваат локацијата и времето на одделните операции. Украинските сили имаат позиции на десниот брег на Днепар, на неколку километри од градот.

Илјадници луѓе во опасност

Според Воената администрација на Херсонската област, во Олешки денес живеат околу 2.000 луѓе, меѓу кои речиси 50 деца. Пред целосната руска инвазија, градот имал околу 25.000 жители.

Сепак, Сеукраинскиот совет на цркви и верски организации проценува дека во градот и околината сè уште живеат повеќе од 6.000 луѓе, меѓу кои околу 200 деца.

Украинските власти велат дека секој за кого постои сомнеж дека има контакти со украинските власти или вооружените сили се соочува со непосредна опасност од егзекуција.

Состојбата во градот значително се влошила по уништувањето на хидроцентралата Каховка во јуни 2023 година. Поплавите зафатија големи делови од регионот, уништија стотици домови и ги блокираа бунарите и канализациските системи. Само во поплавите во Олешки загинале меѓу 200 и 300 луѓе.

Денес жителите главно се потпираат на сопствените градини за да обезбедат храна, а хроничниот недостиг на лекови е сериозен проблем. Според сведоштва од градот, луѓето се преместуваат од една во друга напуштена зграда за да избегнат напади со дронови и ограбување од страна на руските сили.

„Луѓето лежат по улиците, се распаѓаат и остануваат непогребани. Денес, во подрумот на болницата, истата онаа која веќе четири години нема електрична енергија, има повеќе од 100 тела“, изјавила Тетјана Хасаненко, вработена во Воената администрација на градот Олешки, за ABC News.

34-та одделна морнаричка бригада „Борисфен“, која учествува во доставувањето помош со дронови, во април објави снимки од градот за кои наведе дека прикажуваат населено место кое руските сили го претвориле во „град на духови“.

„Луѓето се принудени да јадат трева и плевел за да преживеат. Патиштата се минирани и речиси е невозможно безбедно да се излезе од градот. Околу нив продолжуваат гранатирањето и нападите со дронови“, изјавил украинскиот музичар Артем Пивоваров.

„Има извештаи дека телата на луѓето кои биле убиени остануваат по улиците со месеци, бидејќи нема кој да ги собере.“

Планот за евакуација е блокиран

Киев подготвил план за хуманитарна евакуација во кој е подготвен да учествува и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Украинскиот омбудсман за човекови права Дмитро Лубинец изјави дека Русија сè уште не потврдила дека е подготвена да дозволи мисијата да се реализира. Без договорен пристап, волонтерите не можат самостојно да влезат во градот.

Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, ги повика меѓународните организации да обезбедат пристап за доставување хуманитарна помош.

„Русија намерно предизвикува хуманитарна катастрофа во окупираниот дел од Херсонската област. Таа го блокира пристапот до храна и лекови, ја попречува доставата на хуманитарна помош и евакуацијата на цивили, додека руските FPV-дронови ловат луѓе по улиците“, изјавил Сибиха.

Мисијата на Обединетите нации во Украина во јуни ја опиша ситуацијата во Олешки како „очајна“, предупредувајќи дека илјадници цивили се соочуваат со „сериозна закана по животот, недостиг на храна и немање пристап до медицинска помош“.

Мајкл О’Флахерти, комесарот за човекови права на Советот на Европа, изјави дека е „алармиран од брзото влошување на хуманитарната криза“.

„Цивили, меѓу кои и деца, се заробени без доволно храна, лекови, медицинска помош, вода за пиење и електрична енергија“, изјави О’Флахерти.

„Според извештаите, тие се соочуваат со висок ризик од смрт.“

О’Флахерти ја потсети Русија на нејзините обврски според меѓународното хуманитарно право. Според овие правила, окупациската сила има обврска да обезбеди населението да има пристап до храна и лекови.

Украинската тенисерка Олександра Олијникова, која се наоѓа на 47. место на светската ранг-листа, го привлече вниманието на јавноста кон состојбата во градот преку социјалните мрежи.

„Ве молам, пребарајте го Олешки на интернет. Тоа е град кој моментално е под привремена окупација. Таму се случува хуманитарна катастрофа“, напиша таа.

Украински навивачи неодамна истакнаа транспарент со натпис „Спасете го Олешки“ за време на фудбалски натпревар меѓу Унгарија и Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, призна дека ситуацијата во Олешки е „навистина критична“, но за блокирањето на доставата на помош го обвини „киевскиот режим“.

Олешки не е единственото украинско населено место кое станало речиси непогодно за живот поради руската окупација или бомбардирањето од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Мариупол, пристанишен град со околу 425.000 жители, беше разурнат во текот на повеќенеделната руска опсада во пролетта 2022 година.

Бахмут и Авдиивка во Донецката област беа речиси целосно уништени пред да паднат под руска контрола во 2023, односно 2024 година.

Градовите како Волноваха, Рубижне и Маринка исто така беа претворени во урнатини за време на борбите на фронтот.

Украинските власти проценуваат дека низ целата земја се уништени повеќе од 210.000 објекти од почетокот на целосната руска инвазија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украинскиот град Олешки се соочува со глад…

Украинските сили доставија околу 4 тони храна…

Русија тестираше борбен ласер против беспилотни летала…

Припадници на руските единици за радиолошка, хемиска…

Руски дронови ја запалија украинската Национална академија…

Руски беспилотни летала го нападнаа центарот на…

Калас: Русија планира нови саботажи и напади…

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија,…

Зеленски: Путин постојано наоѓа изговори за да…

Русија бара каков било изговор за да…