Објавено на:

Ристовски: Ќе продолжиме да ги поддржуваме настаните кои ја промовираат Македонија и вистинските спортски вредности

t

Министерството за спорт и годинава е генерален покровител на Виз Ер Скопскиот маратон, една од најголемите и најреномираните спортски манифестации во земјава, која повеќе од две децении ги промовира Скопје и Македонија на светската атлетска мапа.

На денешната прес-конференција по повод 22. издание на Скопскиот маратон, кој ќе се одржи в недела, 4 октомври, министерот за спорт Борко Ристовски ја истакна силната поддршка од Министерството за спорт и Владата на Република Македонија за оваа значајна спортска манифестација.

„Министерството за спорт и Владата на Република Македонија секогаш ќе поддржуваат настани од овој тип, настани кои го обединуваат градот и ја обединуваат нацијата. Но, уште поважно е што ваквите настани промовираат вредности кои сакаме да ги градиме – здрава заедница, масовност и активен живот“ – истакна Ристовски.

Тој посочи дека Скопскиот маратон има посебна вредност токму поради тоа што на иста стартна линија ги обединува професионалните атлетичари и рекреативците.

„Кој ќе биде победник е помалку важно. На вакви настани многу поважно е што и професионалните атлетичари, но и луѓето кои рекреативно се занимаваат со трчање, промовираат иста цел. Во животот не е секогаш важно да се победи, но важна е пораката дека  кога ќе паднете мора да станете, дека животот носи препреки, но без разлика на сè, мора да продолжите понатаму“ – порача министерот за спорт.

Ристовски ја истакна и посветеноста на организаторите, кои, како што рече, од година во година го подигнуваат нивото на организација на оваа манифестација.

„Кај ваквите големи настани многу е тешко да се оди чекор понапред, но организаторите на оваа манифестација секогаш ја подигнуваат летвичката повисоко. Ние како Министерство за спорт и како Влада имаме обврска ваквите настани да ги поддржуваме и финансиски и логистички. Сигурен сум дека организацијата и оваа година ќе биде на високо ниво“ – додаде Ристовски.

Виз Ер Скопскиот маратонот годинава  поставува нов рекорд со пријавени 15.050 натпреварувачи од 63 земји, што е уште една потврда дека оваа манифестација  прерасна во значаен меѓународен спортски настан. Покрај рекордниот број учесници, на стартот ќе има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати. Најбројни по земји, покрај учесниците од Македонија, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.

На годинешното издание повторно ќе има четири трки – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка.

Министерството за спорт упатува поддршка до сите учесници и до организаторите за уште едно успешно издание на Скопскиот маратон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ