Итарпејовскиот манир во кој зборуваа родителите на Ѓоко Ристов не се совпаѓа со доказите, вели обвинителката Хаџи-Василева

t

Обвинителката Искра Хаџи-Василева денешните искази на родителите на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов ги оцени како сведочење на маргините на веродостојноста.

Тие денеска како сведоци предложени од одбраната на Ристов сведочеа дека 350 000 евра што беа пронајдени заѕидани во кујната во нивниот семеен дом во Неготино се нивни и заработени низ годините од продажба на земјоделски производи. На прашањето на судијката Биљана Коцева зошто на парите и фолиите во кои биле завиткани нема нивни ДНК-траги, но се најдени траги од нивниот син Ѓоко Ристов, тие рекоа дека „нема шанси“, односно дека не веруваат во такво нешто.

„Обвинителството не ги предложи овие сведоци затоа што немаше поента. Интересно е што одбраната ги предложи и во еден така народски манир имавме прилика да слушнеме родители на обвинет, и тоа само по себе е специфична позиција, бидејќи законот ги ослободува од сведочење бидејќи се родители. Така, низ една итарпејовска естетика зборуваа и сведочеа за настани и за факти, меѓутоа тие истите не наоѓаат никаква поткрепа во останатите докази и обезбедени материјали“,
рече Хаџи-Василева во изјава за медиумите.

Инаку, на рочиштето исказ даваше уште еден сведок на одбраната – полициски службеник кој за време на претресите во декември лани и јануари годинава присуствувал и преземал дејствија како крим-техничар. Тој од адвокатот на Ристов беше испрашуван во контекст на заштитната опрема што ја носеле форензичарите, заштитата на местото каде што биле најдени парите, каде и колку пати биле прместувани парите откако биле пронајдени.

Сведокот рече оти тој ги вадел фолиите со парите и ги ставал на хартиена картонска вреќа што била послана на земја, на плочките. Рече дека, како што се сеќава, носел ракавици. Потврди дека при првиот претрес, кога не било најдено ништо, во куќата бил и Ѓоко Ристов, кој им помагал на истражните екипи. При вториот претрес на 18 јануари, кој продолжил и следниот ден, кога биле најдени парите, сведокот не можеше да се сети дали го фотографирале алатот со кој биле кршени плочките на ѕидот од кујната. Одречен беше неговиот одговор на прашањето дали земале брисеви од алатот. Рече дека не правеле видеозапис од претресот, туку само фотографирале, а материјалот се ноаѓа во службен компјутер. Одговарајќи на прашањата на адвокатот, рече дека откако фолиите биле одмотани, парите биле пребројувани и редени на друга форензичка кеса во просторијата и фотографирани. Потоа биле пакувани во зипер-кеси. Пресметувањето го вршел тој, а во просторијата имало, како што кажа, меѓу 5 и 7 луѓе кои не ги познавал.

„Јас работев по насока на одговорниот што ми беше претпоставен, мислам дека беше од организиран криминал“, кажа сведокот.

Адвокатот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ, му предочи фотографии на сведокот и го праша дали на нив парите се во зипер-кеси. Сведокот рече дека фотографиите се направени на почетокот, кога парите биле извадени од ѕидот, и оти потоа биле ставени во зипер-кеси.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева приговараше на прашањето и регираше дека адвокатот го малтретира сведокот. Прашан дали тој ги вадел парите од ѕидот, сведокот одговори негативно. Во изјавата за медиумите по рочиштето, обвинителката Искра Хаџи-Василева, прашана за сведочењето на полицискиот службеник, рече дека за Обвинителството е изненадување зошто одбраната се одлучила токму за овој сведок.

„Тоа е полициски службеник кој постапувал единствено како крим-техничар. Забележливо е што одбраната не ги повика како сведоци оние полициски службеници што раководеле со претресот и кои го изготвиле материјалот кој е суштина од тоа дејствие. Ние како Обвинителство не слушнавме и не видовме некој релевантен доказ со кој одбраната нешто побива или докажува“, рече обвинителката.

Од друга страна, бранителот на Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, прашан за тоа што на фолиите и на парите не се најдени ДНК-траги од родителите, рече дека за тоа бил и повикан третиот сведок, како и дека Обвинителството ќе биде уште повеќе зачудено од наредните сведоци.

„Токму за тоа беше денешниот сведок, нешто за што се чуди обвинителот, но мислам дека ќе се чуди уште повеќе на следното рочиште. Крим-техничарот денеска кажа дека заштитна опрема не носеле, дека не се земени брисеви за контролно обезбедување на трагите. Кажа и дека Ѓоко Ристов бил присутен на првиот претрес на 29 декември 2025 г. И помагал и оставил ДНК-траги, па нашите вештаци ќе објаснат зошто нема едни траги, зошто има други траги и како е вештачено. Многу добро видовте дека парите се оставани и фолиите кинати на плочки. Имаме три преместувања на парите и тоа нашиот вештак ќе ви го објасни поткрепено со фотографии“, рече Давидовиќ.

Адвокатот кажа дека на следните рочишта финансискиот технички советник на одбраната ќе го објасни потеклото на парите и начинот на кој родителите на Ѓоко Ристов ги заработиле.

Наредното рочиште е закажано на 22 октомври во 10 часот, кога е предвидено искази да дадат тројца сведоци на одбраната, од кои двајца вештаци. Инаку, судијата Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари, откако во ѕидот од семејната куќа на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350 000 евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Итарпејовскиот манир во кој зборуваа родителите на…

Обвинителката Искра Хаџи-Василева денешните искази на родителите…

Притвор и куќен притвор за двете вработени…

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен…

Путин го враќа „генералот Армагедон“: Суровикин добил…

Рускиот претседател Владимир Путин, според најновите медиумски…

Руските здравствени власти демантираат: Нема потврден втор…

Руските здравствени власти демантираат: Нема потврден втор…

Цените на нафтата експлодираа на светските берзи:…

Цените на суровата нафта бележат силен раст…