Новата портпаролка на Трамп: Кина нема ни „соодветни тоалети“
Портпаролката на Белата куќа, Кејти Захарија, која беше именувана на функцијата пред помалку од една недела, изјави дека во Кина немало „соодветни тоалети“, во интервју емитувано во четвртокот. Захарија (41) веќе е под лупа поради нејзините правнички квалификации, откако даде нејасен одговор на прашањето каде го положила правосудниот испит, кој е предуслов за вршење адвокатска дејност во САД.
Портпаролката, која претходно живеела во Кина, во интервјуто се присети дека во 2016 година преовладувало мислењето оти Кина наскоро ќе ги надмине Соединетите Американски Држави.
„На сите ни зборуваа дека Хилари Клинтон ќе победи. Златните денови, односно славните денови на Америка, завршија. Кина беше на повидок“, изјави Захарија во разговор со десничарскиот инфлуенсер Џек Пособиек.
„Ова многу јасно го паметам, бидејќи штотуку се бев вратила од Кина и си помислив: ‘Како тоа Кина е следната земја што ќе го преземе водството? Таму дури немаат ни соодветни тоалети’“, додаде таа.
Како реакција на нејзините изјави, Пекинг порача дека портпаролката на Белата куќа е добредојдена повторно да ја посети Кина.
„Ја покануваме да ја посетува Кина почесто кога ќе има можност“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција во петокот, обидувајќи се да ја задржи насмевката.
Трамп често се фали со својот „одличен однос“ со кинескиот претседател Си Џинпинг.
На самитот во Вашингтон во септември, двајцата лидери разговараа за теми од вештачката интелигенција и трговијата до застојот во војната во Иран. Тие потврдија и дека ќе се сретнат уште трет и четврти пат оваа година.
Захарија го одржа својот прв брифинг во Белата куќа во вторникот, при што одговори на прашања само од тројца новинари.
Таа ја наследи Каролин Ливит, лојална поддржувачка на Трамп и често конфронтирачка портпаролка, која во август се повлече од функцијата за да се грижи за своите мали деца.
Захарија се претставувала како правничка и во својата биографија навела дека била главен правен советник на конзервативна непрофитна организација со седиште во Калифорнија. Таа, исто така, изјавила дека работела во адвокатска канцеларија во Пекинг.
Запрашана за своето правничко искуство во четвртокот, Захарија рече дека се пријавила за полагање на правосудниот испит, но потоа била „расеана и преоптоварена“ поради плановите со сопругот да се преселат во Кина.
Таа додаде дека не го полагала испитот повторно по враќањето во САД поради раѓањето на своето прво дете.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Новата портпаролка на Трамп: Кина нема ни…
Портпаролката на Белата куќа, Кејти Захарија, која…
Кина прекина со извоз на горива поради…
Кинеските рафинерии го прекинаа извозот на нафтени…
САД и Кина се договорија да ги…
САД и Кина се договорија да ги…
Кинески хакер нападна над 100 компании користејќи…
Агенти со вештачка интелигенција (ВИ) од компании…
Си Џинпинг до Трамп: Односите меѓу Кина…
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга…