Клековски: Терапијата за мултиплекс склероза поблиску до пациентите – модел и за онкологијата

t

Во Министерството за здравство денес се објавија протоколите за дисперзирана терапија за мултиплекс склероза, заедно со директорите на Универзитетската клиника за неврологија, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, ГОБ „8-ми Септември“ – Скопје и Клиничката болница Штип.

„На Клиниката за неврологија се водат околу две илјади пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат, а бројот на новодијагностицирани расте – само во 2025 година тие се 115. Во моментот, 835 пациенти од 48 општини се на имуномодулаторните лекови опфатени со дисперзијата и сите тие терапијата ја подигаат или ја примаат на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и многумина патуваат секој месец, често со придружник, што значи трошок, отсуство од работа и дополнителен напор за луѓе со хронична болест. Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло“, посочи министерот Клековски и додаде дека буџетот за лекови за мултиплекс склероза годинава изнесува рекордни 451 милион денари.

-Ова е модел. Тоа е олеснување за пациентите, кои терапијата ќе ја добиваат поблиску до својот дом, но и унапредување за здравствените работници во регионалните болници, чиј делокруг на работа се збогатува. Секако, ова е модел и за други области, како онкологијата, изјави министерот Клековски.

Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Јован Божиновски, истакна дека иницијативата е одговор на долгогодишните барања на Здружението за борба против мултиплекс склероза.

„Правилникот ги утврдува лековите, надлежностите, условите за центрите и постапката, а со протоколот секоја болница одделно ги презема обврските што ја засегаат. Болниците се обврзуваат да одредат одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да ги чуваат и издаваат лековите по пропишан режим, да ја евидентираат секоја доза и да ги пријавуваат несаканите реакции во рок од 24 часа. Клиниката ја задржува стручната, финансиската и организациската одговорност: таа ги набавува лековите, преку Комисијата за имуномодулаторна терапија одлучува за секој пациент, ја фактурира терапијата кон Фондот за здравствено осигурување и врши надзор во центрите најмалку еднаш годишно“, појасни директорот Божиновски.

Децентрализацијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Во првата се лековите што пациентот сам си ги применува – интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови (диметил фумарат, терифлуномид, кладрибин) – и тие се подигаат месечно од болничката аптека на центарот. Во втората се биолошките лекови окрелизумаб, натализумаб и офатумумаб, сите во субкутана форма, кои ги аплицира медицинско лице во центарот. Терапијата се воведува на Клиниката, каде пациентот ја прима првата доза, поминува обука и потпишува согласност, а сите наредни дози ги прима во регионалниот центар. Контролите се на секои шест или 12 месеци, со дигитален конзилиум.

Во првата фаза КБ Штип ќе ги покрива источниот, југоисточниот и вардарскиот дел (околу 128 пациенти), СБ „Св. Еразмо“ – југозападниот дел и Битола (околу 146), а ГОБ „8-ми Септември“ ги презема пациентите од Скопје (344). Вкупно 618 пациенти (74 %) ќе можат терапијата да ја добиваат во регионален центар, а заедно со пациентите од граничните општини, кои сами ќе го изберат центарот, до 692 (83 %). Преминот е доброволен – пациентот преминува дури откако ќе потпише писмена согласност, а оној што не сака да премине останува на Клиниката без никакви последици врз правото на терапија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ