Си-ен-ен за Македонија: „Прекрасна природа, спокојство, врвна храна и вино, без туристички метеж“

t

Американската телевизиска мрежа CNN ја претставува Македонија како една од последните неоткриени дестинации во Јужна Европа, со спектакуларни планини, езера, вековни манастири, автентична кујна и гостопримливи луѓе. Земјата сè уште е поштедена од масовниот туризам што ги преплавува популарните европски места.

Македонија има потенцијал да стане една од најпривлечните туристички дестинации во Јужна Европа, а нејзините природни убавини, богата историја, традиционална храна и винска култура се во фокусот на репортажата на CNN, објавена од авторот Сај Неф.

Според написот, земјата нуди ретка можност за патување надвор од вообичаените туристички рути. Планинските предели, кои се менуваат од зелени падини до снежни врвови, заедно со византиското, османлиското и југословенското историско наследство, создаваат посебна културна разновидност и силна традиција на гостопримство.

Иако секое лето околу еден милион патници транзитираат низ Македонија на пат кон Грција и Албанија, многумина не застануваат за да ја истражат земјата. Туристичкиот сектор, сепак, има простор за развој, а дел од локалните туристички работници сметаат дека иднината треба да биде во одржливиот туризам, наместо во масовните туристички групи што можат да го нарушат секојдневниот живот на локалното население.

Од Охридското Езеро до Шар Планина

CNN посебно ги издвојува македонските манастири, езерата и планинските предели. Меѓу местата што вреди да се посетат се Бигорскиот манастир, Националниот парк Маврово и манастирот „Свети Наум“, кој се наоѓа на брегот на Охридското Езеро.

Охридското Езеро е претставено како еден од најголемите природни бисери на земјата. Опкружено со планини и заштитено како светско наследство на УНЕСКО, привлекува посетители поради природата, богатството на растителни и животински видови, историскиот град Охрид и традицијата на охридските бисери.

Во репортажата се споменува и Националниот парк Галичица, со поглед кон Охридското и Преспанското Езеро, како и Шар Планина, која нуди бројни предизвикувачки патеки за планинарите. Во некои планински села сè уште се зачувани старите сточарски традиции, вклучувајќи го сезонското преместување на стадата меѓу селата и високите пасишта.

Локалните туристички работници предупредуваат дека масовниот туризам може да ги загрози традициите и автентичноста на заедниците. Затоа, целта е да се привлечат посетители кои навистина ги ценат природата и културното наследство.

Ајвар, ракија, пастрмајлија и македонско вино

Посебно место во репортажата има македонската гастрономија. CNN забележува дека традиционалната кујна се разликува од регион до регион, но се потпира на свежи локални производи и на природниот вкус на состојките.

Ајварот е издвоен како особено значаен дел од домашната традиција. Во есен, семејствата со часови печат пиперки и подготвуваат зимница за целата година. Меѓу препознатливите вкусови се и домашната ракија, салатите, месото на скара и свежо печениот леб.

Благодарение на сончевата клима, Македонија е препознаена и по производството на вино, особено во Тиквешкиот регион. На листата на специјалитети што туристите треба да ги пробаат се и бурекот, ќебапите, пастрмајлијата и традиционалните чорби.

За целосно доживување на локалната кујна, CNN ги издвојува и македонските кафани, каде што гостите се собираат околу богати трпези, а музичарите често ги забавуваат посетителите со музика во живо. Оваа традиција е претставена како важен дел од македонската култура што продолжува да се негува.

Скопје: спој на историја, култура и современ живот

Главниот град е опишан како град во кој се преплетуваат различни архитектонски периоди и културни влијанија. По земјотресот во 1963 година, Скопје беше дел од голем меѓународен процес на обнова, а денес неговиот изглед ги спојува бруталистичката архитектура, османлиското наследство и поновите неокласични градби.

Старата скопска чаршија е издвоена како едно од местата каде што посетителите можат да најдат свежи производи, антиквитети, кафулиња и барови, истражувајќи ги тесните улички на овој историски дел од градот.

Скопје нуди и богата културна програма со џез, филмски и музички фестивали. Градот има бројни кафани и коктел-барови, а традиционалната турска кафе-култура живее паралелно со современите кафулиња.

Надвор од градот, посетителите можат да се искачат со жичницата до Милениумскиот крст на Водно, од каде што се отвора панорамски поглед кон Скопје и околните планини. Кањонот Матка, со своите зелени води и бројни пештери, е уште една од атракциите што CNN ги издвојува за љубителите на природата, кајакарењето и пешачењето.

Пораката на репортажата е дека Македонија има многу повеќе да понуди отколку што сугерира нејзината сè уште релативно мала туристичка посетеност. Нејзината вредност лежи во комбинацијата од природни убавини, локална храна, вино, зачувани традиции и можноста посетителите да ја доживеат земјата без гужвите што се карактеристични за најпопуларните европски дестинации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат…

ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите,…

ЗНМ реагира на заканувачка содржина насочена кон…

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува…

Петрова и Муцунски во четврток ќе се…

Министрите за надворешни работи на Македонија и…

Жените во Македонија за еднаква работа заработуваат…

И покрај законските гаранции за еднаква плата…

Во јули 367 одобренија за градење, предвидени…

Во јули годинава се издадени 367 одобренија…