Костадинов по новата кривична пријава: Однапред изречената пресуда ја поткопува правдата

t

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, јавно реагира откако полицијата поднесе нова кривична пријава против него и една осомничена, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа. Тој порача дека е подготвен да одговара за секоја своја одлука, но очекува доказите да бидат непристрасно оценети и да се почитува презумцијата на невиност.

Според МВР, покрај Костадинов, пријавени се и поранешна раководителка во општинскиот Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште и управител на правно лице од Битола, кое во меѓувреме е ликвидирано.

Од МВР информираат дека наводните дејствија се случиле во 2022 година, кога Костадинов и поранешната раководителка, според пријавата, ја злоупотребиле службената положба за да овозможат легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш.

„Од медиумите очекувам точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот, почитување на моето достоинство и презумпцијата на невиност. Критиката е составен дел од демократијата. Однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува и тоа како довербата во институциите. Не барам доверба на збор. Барам простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети“, пишува Костадинов во објава на „Фејсбук“.

Според полициските наводи, раководителката побарала од управителот на правното лице да изготви елаборат за бришење објекти од парцелата. Во елаборатот и техничкиот извештај, според МВР, невистинито било наведено дека на локацијата нема објекти. Документите потоа биле употребени за бришење објекти во сопственост на Општина Струмица, со цел парцелата да добие чист имотен лист.

Со ваквата постапка, според полицијата, на жител на селото Куклиш му била овозможена противправна имотна корист.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ