Објавено на:

Маск најави акции од „Спејс-екс“ за секое дете во САД

t

„Спејс-Екс“ (SpaceX) на Илон Маск и технолошката компанија „Антропик“ (Anthropic), позната по развојот на вештачката интелигенција, најавија големи донации во вид на свои акции во момент кога технолошките гиганти се соочуваат со сè поголем притисок поради можните последици од вештачката интелигенција врз човештвото.

Маск објави дека следната година на секое дете во САД ќе му подари по една своја акција од вселенската компанија „Спејс-екс“, која е сопственик на компанијата за вештачка интелигенција „Икс-ај“ (xAI). Објавата на милијардерот следеше откако „Антропик“ најави дека пет проценти од своите акции ќе ги издвои во фонд од кој ќе се финансираат донации за „општо добро“.

„Антропик“ се подготвува за потенцијално рекордно излегување на берзата со акциите, што би ја проценило компанијата на повеќе од еден билион долари. „Спејс-екс“ во јуни постави рекорд за најголема иницијална јавна понуда на акции (IPO) во историјата, прибирајќи 85,7 милијарди долари.

Овие најави доаѓаат во момент кога индустријата за вештачка интелигенција е под зголемен надзор поради загриженоста за безбедноста и стравот од последиците што нејзиниот развој би можел да ги има врз општеството и работните места. Засега не се објавени поединечни детали за тоа како секое дете во САД би добило акција од „Спејс-екс“.

Маск на социјалните мрежи напиша: „Следната година на секое дете во Америка ќе му подарам по една своја акција од „Спејс-екс“. Тоа ќе биде првата од многуте.“

Ова го објави откако на најавата на „Антропик“ за основање фонд одговори со пораката: „Препорачувам акциите директно да им се разделат на граѓаните. Токму тоа ќе го сторам и сам.“

„Антропик“ објави дека акциите во неговиот Фонд за општо добро нема да се користат за лобирање ниту за политички донации во САД или во странство. Компанијата што стои зад вештачката интелигенција „Клод“ (Claude) објави и дека управниот одбор, според сопствена проценка, би можел да му додели на фондот дополнителни два проценти од акциите, пишува Би-би-си (BBC).

„Антропик“ минатата недела им соопшти на потенцијалните инвеститори дека приходите во трите месеци до крајот на септември пораснале за 45 проценти, на 16,8 милијарди долари.

Како и другите компании од секторот за вештачка интелигенција, „Антропик“ настојува да се претстави како претпријатие што може да оствари огромна добит, и покрај тоа што инвестира милијарди долари во развојот на технологијата и изградбата на инфраструктурата неопходна за работата на своите модели.

Компаниите ширум светот, пред сè во технолошкиот сектор, по инвестирањето во вештачката интелигенција укинаа илјадници работни места. Многу од нив како причина ја наведуваат поголемата ефикасност што ја носи примената на таа технологија.

Истражувањето на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 2024 година покажа дека вештачката интелигенција ќе влијае врз речиси 40 проценти од работните места во светот, а во развиените економии тој удел би можел да достигне дури 60 проценти.

Во септември, истражувач што го напушти „Антропик“ изјави дека луѓето што работат на развојот на вештачката интелигенција се „искрено исплашени“ од брзината на нејзиниот напредок и можните последици за човештвото. „Ако не го успориме сегашното темпо на напредок, верувам дека постои голема веројатност сите да умреме во блиска иднина“, изјави тој.

Џејкоб Коксон (Jacob Coxon) даде изјава за Би-би-си откако неговата порака за опасностите од вештачката интелигенција, објавена при заминувањето од компанијата, стана вирална. Ова се случи во момент на сè поголема загриженост поради безбедноста на таа индустрија.

Неговиот поранешен шеф, директорот на „Антропик“, Дарио Амодеи, претходно повикуваше на успорување на развојот на вештачката интелигенција, иако некои ги доведоа во прашање мотивите што стојат зад таквите повици.

Раководителите на двете конкурентски компании за вештачка интелигенција, Сем Алтман од „ОпенЕИ“ (OpenAI) и Маск, исто така изјавија дека се согласуваат со предлогот на Амодеи за успорување на развојот на технологијата на ниво на целата индустрија, нејзина регулација и независен надзор над развојот на моделите за вештачка интелигенција.

Претходно овој месец, американскиот претседател Доналд Трамп и раководителите на големите компании за вештачка интелигенција потпишаа документ што е опишан како „морално обврзувачки“. Со него тие презедоа обврска да бидат одговорни за безбедноста на сопствените технологии.

Трамп повеќе пати ја отфрли идејата за донесување закони со кои би се регулирал развојот на таа технологија, и покрај расправите за можните ризици од вештачката интелигенција и нејзините последици врз човештвото.

Потоа, претседателот го именува директорот на Националната разузнавачка служба, Џеј Клејтон, на чело на новата работна група за вештачка интелигенција. Како што рече, таа ќе ја координира соработката на владата со потрошувачите, компаниите и „верските организации“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Маск најави акции од „Спејс-екс“ за секое…

„Спејс-Екс“ (SpaceX) на Илон Маск и технолошката…

Зеленски: Можна е средба меѓу Украина, САД…

Украина, Соединетите Американски Држави и Русија би…

Американско-украинскиот фонд го склучи првиот голем договор…

Заедничкиот американско-украински инвестициски фонд за обнова го…

САД им се заканија на Германија и…

Владата на САД ги предупреди Германија и…

Номинираниот амбасадор на САД во Бугарија: Во…

Номинираниот за нов амбасадор на Соединетите Американски…