Нуркачот Питала, кој истражи рекордна длабочина во пештерата Врело, предложен за почесен граѓанин на Скопје
Нуркачот Бартоломиеј Питала од Полска, кој ја водеше истражувачката експедиција на подводната пештера Врело во кањонот Матка, на која беше истражена рекордна длабочина од 338 метри, е предложен за почесен граѓанин на Град Скопје од страна на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Предлог-одлуката ќе биде ставена на гласање пред советниците на претстојната седница на Советот во Град Скопје во четврток.
Според образложението на предлогот, прогласувањето на Питала за почесен граѓанин на Скопје се должи на неговиот исклучителен придонес во истражувањето, афирмацијата и во меѓународната промоција на природното богатство на Скопје и неговата околина, особено на подводната пештера Врело во кањонот Матка.
– Бартломиеј Питала даде историско значаен придонес во истражувањето на подводниот свет на подводната пештера Врело, неистражена до нејзиното дно, инаку, една од најзначајните природни реткости, заштитено подрачје, споменик на природата во непосредна околина на Скопје. Неговиот подвиг со меѓународен тим спелеонуркачи и со поддршка од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ го запиша името на Скопје во едно од најзначајните поглавја на светската историја на подводните истражувања – се вели во предлогот.
На 17 октомври оваа година, Питала заедно со неговиот тим достигна истражена длабочина во Врело од 338 метри, што е рекорд и како што велат од Градот, значајно достигнување во истражувачкото нуркање.
-Овој резултат претставува нов светски рекорд и значајно достигнување во истражувачкото нуркање, со што дополнително се потврдува потенцијалот на подводната пештера Врело, споменик на природата од особен интерес за меѓународната спелеонуркачка заедница – се наведува во образложението.
Исто така, во документот се додава дека Питала како предводник на тимот нуркачи – четиричлена експедиција од Полска и експедиција од Италија и од Македонија, е првиот и единствен нуркач што ја освоил оваа длабочина, со што според Градот се потврдува уникатноста на неистражената подводна пештера, ги унапредува сознанијата за подводниот свет на пештерата Врело и предизвикува меѓународен интерес за нови можности за понатамошни научни и истражувачки активности.
– Истражувачките активности од ваков вид бараат високо ниво на стручност, физичка и ментална подготвеност и почитување на безбедносните протоколи. Постигнатиот резултат ја нагласува посветеноста на истражувањето на природната реткост, чии карактеристики се нецелосно познати и неистражени. Значењето на овој подвиг не се темели само на достигнатата длабочина туку и на отворените можности и на продлабочувањето на хидролошките и на другите карактеристики на пештерата пред меѓународната јавност – потенцираат од Град Скопје.
Во предлогот се потенцира дека овој подвиг придонесува за поголема видливост на Врело и на Скопје за туристите од целиот свет и за спелеонуркачите, како и за нивната промоција на, како што велат, мапата на дестинации со неоткриен капацитет и непроценливо богатство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Скопјанец снимен како од камион истура градежен…
50-годишен скопјанец е откриен и казнет откако…
Скопјанец измамил познаничка за 25.000 евра —…
Полицијата вчера уапси скопјанец бидејќи ја измамил…
Во Скопје посебен сообраќаен режим поради посета…
Посебен режим на сообраќај ќе има денеска…
ВЛЕН: Скопје и Приштина сè поблиску, се…
Од Скопје до Приштина со воз за…
Ѓорѓиевски: Драстично ги намалуваме новите вработувања во…
Драстично ги намалуваме новите вработувања во Град…