Туск подготвен за средба со полскиот претседател за смирување на тензиите
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека е подготвен уште оваа недела да разговара со претседателот Карол Навроцки, во обид да се смират тензиите поврзани со составот на Уставниот суд на земјата.
„Подготвен сум оваа недела да имаме средба лице в лице, за да разгледаме како трајно да ги намалиме овие тензии“, изјави Туск на прес-конференција по состанокот на Советот за национална безбедност.
Туск истакна дека, иако двете страни веројатно ќе останат на своите ставови за многу прашања, тие имаат заедничка одговорност.
Тој додаде дека заедно со шефот на државата ќе се обиде да најде решенија со кои Полска во иднина ќе биде заштитена од политички потреси.
„И двајцата чувствуваме заедничка одговорност, со оглед на растечката закана од исток, да бараме можности за договор за безбедноста и внатрешниот поредок, како и да ги смириме страстите“, рече Туск.
На прашањето кога би се одржала средбата, премиерот одговори дека датумот нема да биде објавен однапред.
„Сакаме да разговараме насамо, без притисок и без политичка нервоза. Понекогаш разговор лице в лице, во мирна атмосфера, може да донесе одредени решенија“, нагласи Туск.
Од кабинетот на претседателот потврдија дека го добиле барањето за средба. Портпаролот Рафал Лешкевич потсети дека претседателот повеќепати изјавил дека е подготвен за разговор доколку премиерот го побара тоа.
„Кога ќе биде утврден датумот на средбата, ќе ја информираме јавноста“, изјави портпаролот.
Во меѓувреме, претседателскиот министер Марчин Пшидач, прашан кога би можела да се одржи средбата, посочи дека во среда претседателот ќе патува во Словачка, каде што ќе учествува на состанок на претседателите на земјите од Вишеградската група.
„Се надевам дека во тој период премиерот нема да ја користи полицијата за преземање на некои од уставните институции на државата“, додаде Пшидач.
Спорот околу составот на највисокиот суд во Полска предизвика отворен судир меѓу владата и претседателот Карол Навроцки. Во петокот вечерта, претседателот се обиде да влезе во зградата на Уставниот суд, во услови на блокада околу именувањето нови судии.
Полицијата го опколи објектот, а случувањата се пренесуваа во живо на телевизија, со што кризата привлече внимание и надвор од Полска, вклучително и во пошироката европска политичка јавност.
Опозицијата ја обвини владата на Доналд Туск дека се обидува да изврши државен удар. Владата, пак, тврди дека спроведува долгоочекувани реформи со цел враќање на владеењето на правото, по повеќегодишното мешање на партијата Право и правда (ПиС) во судството.
Европската комисија соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
Портпарол на Комисијата изјави дека полските власти се одговорни да обезбедат Уставниот суд да функционира во согласност со полскиот Устав и со релевантната судска практика на Судот на правдата на Европската Унија.
Тој додаде дека именувањето на осум нови членови на Уставниот суд е во рамките на уставните надлежности на Сејмот, односно полскиот парламент.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Туск подготвен за средба со полскиот претседател…
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека е…
Европската комисија застана зад Туск: Бара од…
Европската комисија застана на страната на полскиот…
Се подготвувал да убие повеќе лица –…
Полската полиција приведе 16-годишник осомничен дека планирал…
Полска ќе им дозволи на пилотите на…
Полска ќе им дозволи на своите пилоти…
Свештеник почина по напад со нож во…
Еден свештеник почина, а уште четири лица…