Бабата на убиецот од Краков: Бил одличен ученик, одел во црква, никогаш не покажувал знаци на радикализација
Бабата на 24-годишниот Михал О., осомничен за смртоносниот напад во полскиот град Краков, во кој загинаа шест лица, проговори за својот внук и за трагедијата во која ги загубила најблиските членови на семејството. Во разговор со новинарите на полскиот весник „Газета Виборча“, 80-годишната Марија изјавила дека сè уште не може да поверува што се случило и дека не знае што го натерало нејзиниот внук да изврши вакво злосторство.
Новинарите го посетиле Васњов, родното место на осомничениот, каде што разговарале со неговата баба. Таа го опишала Михал како мирно и добро момче, кое редовно одело во црква, иако во последниот период поретко ја посетувало.
„Тој беше толку добро дете. Не знам што му се случи. Одеше во црква, иако во последно време поретко“, раскажала Марија.
Според нејзиното сведоштво, првите сомнежи дека нешто не е во ред се појавиле во петокот, кога нејзиниот син Јануш, таткото на Михал, не дошол да ги собере јајцата како што вообичаено правел. Сепак, таа не се вознемирила премногу бидејќи знаела дека има многу работни обврски и дека понекогаш работи и во текот на ноќта. Очекувала дека ќе се појави следниот ден.
За нападот во Краков дознала од својата внука, која ѝ покажала фотографија од осомничениот. Во тој момент, Марија го препознала лицето, но не сакала да поверува дека станува збор за нејзиниот внук.
„Боже, не е ли тоа Михал? Помислив дека е некој што личи на него, дека не може да биде тој“, раскажала таа.
Вечерта, околу 22 часот, нејзината ќерка пристигнала со трагичната вест дека нејзиниот син, снаата и внуката се мртви.
Во разговорот со новинарите, Марија се осврнала и на интересот на семејството за оружје. Таа објаснила дека нејзините три сина служеле војска, а Јануш особено бил заинтересиран за стрелаштво. Според неа, тој потрошил околу 6.000 злоти за специјален сеф во кој го чувал оружјето.
Открила и дека таткото му подарил униформа на Михал за неговиот 18-ти роденден.
„За неговиот 18-ти роденден, Јануш му купи униформа на Михал. Дури и се пресоблече кај мене дома. Му реков: ‘Заборави на тоа’“, се присетила Марија.
Сепак, таа не можела да потврди дали станува збор за истата облека што нејзиниот внук ја носел за време на нападот.
Бабата го опишала Михал како пријателски расположен млад човек кој имал добри оценки во училиште, но не покажувал интерес за продолжување на образованието. Наместо да студира, решил да работи како стругар, сметајќи дека на тој начин може да заработува доволно пари.
На прашањето дали кај него забележала радикални ставови или промени во однесувањето, Марија одговорила дека никогаш не видела нешто што би укажувало на таква опасност. Единствено споменала дека не ѝ се допаѓало тоа што често носел качулка.
Најтешко ѝ е да разбере зошто нејзиниот внук, според сомнежите на истражителите, најпрво ги убил своите родители и помладата сестра, а потоа заминал во Краков, каде што извршил вооружен напад врз случајни минувачи.
„Не можам да го најдам одговорот. Драг Исусе, Јануш толку многу го сакаше Михал“, изјавила таа.
Според пренесените информации, во саботата во центарот на Краков се случила смртоносна пукотница кога вооружен маж отворил оган од автомобил кон луѓе на Главниот плоштад. Во нападот загинале шест лица, четири жени и двајца мажи, додека 16 биле повредени, меѓу кои и двајца полициски службеници.
По нападот, во стан поврзан со осомничениот биле пронајдени уште три безживотни тела. Полицијата во неделата потврдила дека станува збор за неговите родители и помладата сестра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бабата на убиецот од Краков: Бил одличен…
Бабата на 24-годишниот Михал О., осомничен за…
Полскиот претседател Навроцки ќе ги одликува двајцата…
Полскиот претседател Карол Навроцки планира со државни…
Терористот од Краков почина во болница
Михал Оксински, кој уби шест лица во…
Расте бројот на загинати во Краков, напаѓачот…
Бројот на загинати во вооружениот напад што…
(Вознемирувачко видео) Пукање на плоштадот во Краков:…
Најмалку две лица загинаа, а десет други…