Нови правила за јавните набавки: Ќе се користи и вештачка интелигенција за откривање неправилности

t

Нови правила за избор на најповолни понуди, поголема употреба на електронскиот пазар, дигитални алатки за откривање неправилности и промени во жалбените постапки се дел од измените на Законот за јавните набавки што ги изгласа Собранието.

Една од позначајните новини е задолжителното користење на критериумот „најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот“ кај јавните набавки со повисока вредност. Со ова институциите нема автоматски да се водат само од најниската цена, туку ќе треба да ги земат предвид и квалитетот и другите карактеристики на понудите. Предвидено е институциите што планираат повеќе од три набавки со вредност над 130.000 евра годишно задолжително да спроведат најмалку три постапки со овој критериум.

Измените предвидуваат и проширување на можностите за користење на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, како и зголемување на прагот за ваквите набавки до 20.000 евра. Вкупната вредност на набавките под законските прагови кај одредени договорни органи се ограничува на 25.000 евра во текот на годината.

Бирото за јавни набавки добива дополнителни надлежности за развој и користење дигитални алатки, вклучително и решенија засновани на вештачка интелигенција, за автоматизирано следење и откривање неправилности и ризици во постапките. Се предвидува и воспоставување веб-сервиси за размена и обработка на податоци.

Се менува и начинот на продолжување на важноста на потврдите за службениците за јавни набавки. Наместо повторно полагање испит, ќе биде потребно континуирано професионално усовршување од најмалку 21 час во период од три години.

Кај постапките со преговарање без објавување оглас се укинува обврската за претходно мислење од Бирото за јавни набавки, но се воведува задолжително објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи.

Измените предвидуваат и зголемување на надоместоците за жалбена постапка, со образложение дека на тој начин треба да се намали бројот на неосновани жалби и да се подобри ефикасноста на правната заштита.

Законот беше повторно разгледан во Собранието, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за негово прогласување поради забелешки на одредбата за мандатот на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. По амандманското бришење на спорниот член, Собранието ги донесе измените со 63 гласа „за“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нови правила за јавните набавки: Ќе се…

Нови правила за избор на најповолни понуди,…

Како на слава: ЕУ го договорија тимот…

Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Полска,…

J.P. Morgan прогнозира: Производството на хуманоидни роботи…

Според американската брокерска куќа J.P. Morgan, производството…

Приведен Албанец на Табановце, одземена приколка на…

При контрола на товарно возило со албански…

Бесент: Нема да ме заплашат смртните закани…

Американскиот министер за финансии Скот Бесант денеска…