Откажуваат послушност: Француски полицајци не се јавиле на должност за време на протестите

t

Речиси 1.000 припадници на француските полициски единици за сузбивање немири – ЦРС, не се јавиле на должност во вторникот, 17 ноември, кога низ Франција се одржаа масовни протести за повисоки плати во јавниот сектор и подобрување на животниот стандард.

Според француските медиуми, неколку стотици полицајци, распоредени во околу десет единици, закажале лекарски консултации поради физичка и психичка исцрпеност. Бидејќи припадниците на ЦРС немаат право на штрајк, одењето на лекар, а во одредени случаи и отворањето боледување, се користи како начин да не бидат распоредени на терен.

Полицискиот синдикат „Уните“ соопшти дека со месеци предупредувал за заморот меѓу полициските службеници, посочувајќи дека по повеќенеделните протести и блокади, припадниците на единиците се соочуваат со недоволно време за одмор.

„Неколку стотици исцрпени припадници на ЦРС, распоредени во речиси десет единици, беа принудени да се консултираат со лекар“, соопштил синдикатот. Неговата генерална секретарка Линда Кебаб повикала на генерален штрајк на административниот, техничкиот и специјализираниот персонал во полицијата.

Француските медиуми пренесуваат и незадоволство меѓу припадниците на ЦРС поради начинот на кој биле распоредувани за време на претходните демонстрации. Еден од нив, цитиран анонимно, изјавил дека полицајците се чувствуваат навредени бидејќи наместо за брзи интервенции, често биле ангажирани за обезбедување одредени локации.

Во меѓувреме, протестите во вторникот собраа различен број учесници според проценките на властите и синдикатите. Министерството за внатрешни работи соопшти дека на улиците низ Франција излегле 146.000 луѓе, од кои 28.000 во Париз. Синдикатот ЦГТ, пак, процени дека имало повеќе од половина милион демонстранти, од кои 175.000 во престолнината.

Протестите беа организирани на повик на синдикатите во јавниот сектор, кои бараат зголемување на платите и мерки за надоместување на загубата на куповната моќ поради инфлацијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Откажуваат послушност: Француски полицајци не се јавиле…

Речиси 1.000 припадници на француските полициски единици…

(Видео) Полицаец се запали среде протести во…

Полицаец во Франција се запали откако демонстрант…

Франција распоредува 70.000 полицајци по најавите за…

Франција се подготвува за нови протести со…

Франција заплени 68 кг кокаин, информациите ги…

Како резултат на успешната меѓународна полициска соработка…

Речиси 1.000 уапсени по вчерашните протести и…

Речиси 1.000 лица се уапсени откако стотици…