Златото и среброто тонат, изгубија до 60 отсто од рекордните вредности

t

Златото и среброто се соочуваат со остар пад на светските пазари, откако во понеделникот ги достигнаа најниските цени во повеќе од една година. Главните причини се силниот американски долар, растот на приносите на обврзниците и очекувањата дека Федералните резерви на САД повторно ќе ги зголемат каматните стапки во декември- објави Еуроњуз.

Златото на самото место во понеделникот падна на 3.832 долари за унца, најниско ниво од октомври 2025 година. Среброто се спушти на 46,50 долари за унца. Во вторникот следуваше делумно закрепнување – златото порасна за околу 0,75 проценти, на 3.861 долар, а среброто за нешто повеќе од два проценти, на 47,50 долари за унца.

Една од главните причини е очекувањето за повисоки каматни стапки во САД. Златото не носи камата, па кога приносите на обврзниците и заработката од штедните влогови растат, инвеститорите имаат помал мотив да вложуваат во благородни метали. Дополнителен притисок создава и американскиот долар, кој во вторникот го достигна најсилното ниво од април 2025 година. Бидејќи златото и среброто се тргуваат во долари, посилната американска валута ги прави поскапи за купувачите кои користат други валути, со што се намалува побарувачката.

Ниту војната во Иран не им помогна на благородните метали. Иако златото традиционално се смета за безбедно засолниште во време на кризи, овојпат конфликтот предизвика раст на цените на нафтата и инфлациски притисоци. Тоа ги засили очекувањата за повисоки каматни стапки, што дополнително ја намали привлечноста на златото.

Падот е особено изразен ако се спореди со јануари, кога златото достигна рекордни околу 5.600 долари за унца, а среброто се искачи на околу 121,65 долари. Оттогаш, златото изгуби повеќе од 30 проценти од рекордната вредност, а од почетокот на годината е во пад за над 10 проценти. Среброто помина уште полошо – загуби околу 60 проценти од својот врв, а од почетокот на годината бележи пад од околу 34 проценти.

Пазарите сега го очекуваат објавувањето на записникот од октомврискиот состанок на Федералните резерви, кој треба да даде појасни сигнали за идното движење на каматните стапки. Инвестициската банка „Голдман Сакс“ претходно ги намали прогнозите и очекува златото до крајот на 2026 година да достигне 4.150 долари за унца. Тоа е околу 7,5 проценти над нивото на кое се движеше во моментот на објавувањето на анализата.

Поддршка за побарувачката и натаму доаѓа од централните банки. Според Светскиот совет за злато, централните банки и други официјални институции купиле нето 675 тони злато во првите девет месеци од годината, што е за шест проценти повеќе отколку во истиот период лани. И покрај тоа, краткорочните движења на цените ќе зависат пред сè од американската монетарна политика, движењето на доларот и инфлациските очекувања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Службеник на ЦИА украл над 300 килограми…

Дејвид Раш, поранешен извршен службеник во Централната…

Падна цената на златото на светските берзи

Падна златото на светските берзи. Цената за унца…

Златото денес чини 126 евра за грам

Цената на златото денес на светските пазари…

Денес грам злато чини 130 евра

Цената на златото на светските пазари денес…

Златото поевтино од вчера, грам се тргува…

Цената на златото денес на светските берзи…