Српскиот парламент денеска конечно треба да добие претседател

t

Пратениците во Народното собрание на Србија ја продолжуваат конститутивната седница на новиот, 15-ти состав. На дневен ред е изборот на претседател на парламентот.

За претседател на Собранието се предложени двајца кандидати. Пратеничката група „Студентска листа“ го предложи Александар Чупиќ, а групата „Александар Вучиќ – Србија победува“ го предложи Стојан Раденовиќ.

На дневен ред на конститутивната седница се и изборот на потпретседатели на Народното собрание, именувањето генерален секретар, изборот на членови на собраниските работни тела и на постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.

Вториот ден од конститутивната седница го одбележа расправата за кандидатите за претседател на парламентот, проследена со меѓусебни обвинувања на пратениците и укажувања за повреди на Деловникот.

Пратениците од Студентската листа ја поддржаа кандидатурата на Александар Чупиќ за претседател на Собранието, а поддршка најавија и претставници на Сојузот на војвоѓанските Унгарци и Партијата за правда и помирување. Претставниците на оваа листа оценија дека Чупиќ би можел да придонесе за воспоставување култура на дијалог во парламентот.Пратениците од групата „Србија победува“ ја оспорија кандидатурата на Чупиќ, доведувајќи ги во прашање неговото академско звање, политичкото минато и потеклото на неговиот имот. Тие прашаа дали поседува седум станови и две гаражи и дали плаќа данок на приходите од нивното издавање.

Чупиќ по седницата најави дека, согласно со законот, ќе поднесе извештај за својот имот до Агенцијата за спречување на корупција, порачувајќи дека е горд на сè што стекнал со сопствен труд.

Пратениците од Студентската листа на крајот се откажаа од најавените говорници, повикувајќи на забрзување на постапката за избор на претседател на парламентот.

Конститутивната седница започна во вторникот, кога беа потврдени мандатите на сите 250 пратеници, со што беше конституиран новиот состав на Собранието.

Формирани се две пратенички групи – „Студентска листа“ и „Александар Вучиќ – Србија победува“. За шеф на пратеничката група „Студентска листа“ е избран Јово Бакиќ, а за шеф на групата „Александар Вучиќ – Србија победува“ е избран Александар Вучиќ.

Покрај пратениците од овие две пратенички групи, во новиот состав на Собранието има и седум пратеници избрани од листите на националните малцинства.

Со конституирањето на Собранието на Србија започна да тече рокот од 90 дена за формирање нова влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Српскиот парламент денеска конечно треба да добие…

Пратениците во Народното собрание на Србија ја…

Уапсени четири лица за детска порнографија во…

Во акција на полицијата на Република Српска,…

Вучиќ: „Ќе се обидат да ме убијат,…

Александар Вучиќ денеска изјави дека новата власт…

Руската разузнавачка служба тврди дека Брисел сака…

Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) објави…

Се урна воен авион на Војската на…

Во близина на населените места Нова и…