Објавено на:

„Волстрит џурнал“: Пентагон преговара со автомобилските гиганти за масовно производство на воени дронови

t

Пентагонот води преговори со „Џенерал моторс“ и други производители за вклучување во масовното производство на дронови. Тоа е најновиот обид на американските вооружени сили да го искористат огромниот производствен капацитет на автомобилската индустрија за зголемување на производството на клучна воена опрема и муниција.

Во последните месеци, раководството на Министерството за одбрана на САД се обидува да ги привлече автомобилските производители и нивните добро развиени синџири на снабдување во процесот на проширување на производството на различна воена опрема – од ракети до тактички камиони. Сега Пентагон сака компаниите да помогнат во надминувањето на недостигот од беспилотни системи, вклучително и извидувачки и ударни дронови, кои добија клучно значење во воените конфликти ширум светот.

Во случај на евентуален договор, автомобилските компании ќе доставуваат компоненти до производителите на дронови, посочуваат изворите.

Меѓу разгледуваните можности е „Џенерал моторс“ да започне со производство на мотори за дронови, кои по големина би биле поблиски до моторите на самоодните косилки за трева отколку до автомобилските. Претставници на Пентагонот одржале состаноци со раководствата на „Форд“, канадскиот производител на автомобилски компоненти „Магна интернешнл“ и други индустриски компании, вклучително и оние надвор од автомобилскиот сектор. Засега не е склучен ниту еден договор, а учесниците ги оценуваат разговорите како прелиминарни. Претставниците на администрацијата на Доналд Трамп добиле различни реакции од раководителите на автомобилските компании.

Иако Пентагон планира да набави милиони дронови во наредните години, раководството на Министерството за одбрана сфатило дека американските производители на беспилотни системи, од кои многу се мали компании без доволно производствено искуство или капацитет, не се подготвени за такви размери.

САД дури неодамна почнаа да враќаат дел од ова производство на своја територија, што го прави производството на дронови кои ги исполнуваат воените барања бавно и скапо. Кина повеќе од една деценија доминира во глобалната индустрија за дронови и е главен, а во некои случаи и единствен снабдувач на бројни компоненти.

Сепак, учеството во военото производство носи ризици за американските автомобилски гиганти и нивните добавувачи. Дроновите, особено малите беспилотни летала за еднократна употреба, кои станаа препознатлив белег на војната во Украина, се бизнис со ниски профитни маржи, во кој автомобилските производители дури можат да претрпат загуби.

Компаниите се загрижени дека воените нарачки не се во согласност со нивната основна дејност. Тие се загрижени и за репутациските ризици поврзани со производството на оружје, нерамномерната побарувачка од Министерството за одбрана и неизвесноста околу годишното одобрување на финансирањето од Конгресот. „Форд“, особено, досега избегнувал производство на оружје, ограничувајќи се на испорака на возила и опрема за Пентагонот, кои се поблиски до неговата постојна цивилна производствена линија.

Потенцијалните политички ризици од склучување договор со администрацијата се зголемиле по изборите на средината на мандатот, кога демократите го засилиле надзорот над претставниците на Пентагонот и нивните договори со приватниот сектор.

За да ги надмине загриженостите на компаниите, Министерството за одбрана ја организира иницијативата за производство на дронови преку нова воена команда, предводена од генерал со четири ѕвезди, која беше формирана оваа есен од министерот за одбрана Пит Хегсет.

Целта на командата е да ги обедини производството и развојот на дронови за различните родови на вооружените сили. Идејата е поголемите договори да бидат попрофитабилни благодарение на економијата на обем.

Компаниите ќе се фокусираат на испорака на компоненти како погонски механизми, мотори, сензори, лидар-системи и други делови.

„Моравме да ја обединиме нашата куповна моќ за да испратиме јасен сигнал за побарувачката, кој нашите партнери ќе можат да го поддржат“, изјави Макс Страсајзер, висок подофицер на специјалните сили на американската морнарица, назначен да учествува во создавањето на иницијативата. „За да ги привлечеме, мора да постои доволно голема нарачка која ќе го оправда преуредувањето на фабрика“, додаде тој.

Пентагонот го проценува годишниот пазар на воени дронови на меѓу 20 и 30 милијарди долари. Министерството за одбрана е подготвено да понуди значителни средства на автомобилските компании, посочуваат изворите.

Страсајзер објасни дека развојот на воени дронови може да биде сложен и скап, што ги одвраќа компаниите од учество.

Како пример посочи дека во одреден момент во Министерството за одбрана имало шест одделни програми за развој на еднонасочен ударен дрон. Секоја од нив имала иста цел – создавање систем способен да остане во воздух додека бара или чека цел.

И покрај сличните цели, одделните воени единици имале различни технички барања, што го усложнувало процесот.

„Џенерал моторс“ покажува најголем интерес за учество во воени проекти по барање на високопоставени претставници на Министерството за одбрана, соопштија извори запознаени со прашањето за „Волстрит џурнал“. Во официјално соопштение, компанијата наведе дека покажала посветеност на зајакнувањето на американската одбранбена индустриска база.

Претходно оваа година, автомобилскиот производител од Детроит потпиша договор за производство на компоненти за телото на ракетите на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ на „Локхид Мартин“. Компанијата води преговори и со RTX и „L3Harris Technologies“ за слични договори.

Можностите во одбранбениот сектор привлекуваат интерес и кај некои помали компании од автомобилската индустрија.

Семејната компанија за производство на автомобилски компоненти „Лакс ентерпрајзис“ од Мичиген влезе во секторот за дронови во април, стекнувајќи удел во одбранбена компанија. Оттогаш, таа водела разговори со околу 30 производители на дронови и започнала со производство на компоненти, соопшти претставник на компанијата.

Вашингтон ја разгледувал и можноста автомобилските производители да учествуваат во изработката на дронот „Лукас“, создаден по моделот на успешниот ирански дрон „Шахед“.

Ова е дел од пристапот според кој Пентагон го поседува проектот за беспилотниот летал, а производството го доверува на компании со веќе воспоставени производствени линии, објасни поранешен високопоставен претставник на Министерството за одбрана.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Волстрит џурнал“: Пентагон преговара со автомобилските гиганти…

Пентагонот води преговори со „Џенерал моторс“ и…

(Видео) Пентагон објави нов пакет декласифицирани документи…

Американското Министерство за одбрана во четвртокот објави…

Трамп бара дополнителни 350 милијарди долари за…

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Сенатот…

Пентагон ги подготвува американските воени бази да…

Пентагон подготвува американските воени бази да продолжат…

Пентагон формира команда за развој на автономни…

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет најави…