Хрватска, Унгарија, Бугарија и Грција со вета и блокади го забавуваат проширувањето на Европската Унија
Помина долго време од последното проширување на Европската Унија, кога Хрватска му се приклучи на блокот во 2013 година.
Доколку сè се одвива според планот, ново проширување би можело да следи наскоро: Црна Гора, со население од околу 620.000 жители, би можела во наредните месеци да ги заврши пристапните преговори и да стане членка на ЕУ на почетокот на 2028 година.
Но, веднаш откако еврокомесарката за проширување Марта Кос го објави ова во октомври, се појавија информации дека Хрватска би можела да стави вето на пристапувањето на Црна Гора доколку земјата не исполни низа хрватски барања. Овој развој предизвика незадоволство кај политичарите во ЕУ и кај пратениците во Европскиот парламент.
Ова не е првпат да се случи нешто слично. Правото на вето што земјите-членки го имаат во многу области на ЕУ во последните години сè почесто се користи како средство за притисок или блокада, што ја парализира Унијата.
ДВ ги разгледува некои од најзначајните случаи, нивната позадина и политичките последици што, во одредени случаи, произлегуваат од нив.
Црна Гора е најнапредната земја кандидат за членство во ЕУ, со можен датум на пристапување во 2028 година. Таа веќе привремено затвори неколку од 33-те преговарачки поглавја со Унијата.
Сепак, од 23 ноември Хрватска го блокира затворањето на три поглавја за кои преговорите веќе се завршени.
Загреб, меѓу другото, бара обесштетување за поранешните затвореници кои биле држени во логори во Црна Гора за време на југословенските војни во 1990-тите години, разјаснување на судбината на Хрватите кои се водат како исчезнати од тоа време и поенергично гонење на воените злосторства.
Постојат и несогласувања околу точната поморска граница меѓу двете држави. Покрај тоа, Хрватска бара исплата од околу 2,4 милијарди евра за имот што ѝ припаѓал на Југословенската народна армија, војската на поранешна Југославија во која двете земји беа дел пред нејзиниот распад во почетокот на 1990-тите години.
Црна Гора веќе одговори на дел од хрватските барања, вклучително и на оние поврзани со обесштетувањето на поранешните затвореници. Други, како што е барањето за имотот на Југословенската народна армија, остануваат спорни.
Јасно е дека зад листата барања на Хрватска стојат и внатрешнополитички причини. Ниту една влада во Загреб не може да си дозволи да изгледа попустлива кога станува збор за прашања поврзани со Хрватската војна за независност од периодот 1991-1995 година.
Покрај тоа, умерено конзервативниот премиер Андреј Пленковиќ, кој редовно е обвинуван во Хрватска дека е премногу наклонет кон ЕУ, може да го искористи спорот за да се прикаже како цврст заштитник на националните интереси.
По целосната руска инвазија врз Украина, Европската Унија во јуни 2022 година на Украина и на Република Молдавија им додели статус на земји кандидати по забрзана постапка, како знак на солидарност.
Многу земји-членки имаат резерви околу брзото пристапување на Украина во Унијата. Сепак, само Унгарија, под водство на тогашниот премиер Виктор Орбан, зазеде отворено опструктивен став.
Официјално, унгарските блокади беа поврзани со барањето Украина да ги подобри правата на унгарското малцинство во Заткарпатската област во западна Украина. Но, Орбан го користеше прашањето за внатрешнополитички цели и како изборна тема, претставувајќи ја Украина како „мафијашка држава“.
Во обид да придобие гласачи со распространетите антиукраински расположенија во Унгарија, и новиот премиер Петер Маѓар зазеде цврст став кон Украина.
Сепак, неговата влада укина неколку привремени блокади за отворање нови преговарачки поглавја откако украинскиот парламент на почетокот на октомври усвои закон со кој се зајакнуваат образовните права на националните малцинства.
Ниту една земја кандидат не претрпела толку долготрајни последици од политиката на вето како Северна Македонија. Таа доби кандидатски статус уште во 2005 година, но пристапните преговори ги започна дури во јули 2022 година.
Грција 13 години го блокираше почетокот на преговорите затоа што се спротивставуваше на името „Република Македонија“, како што тогаш се викаше државата, обвинувајќи ја дека има територијални претензии кон грчкиот регион Македонија.
Луѓе што носат знамиња и транспаренти маршираат по една улица. Жената на чело држи транспарент на кој пишува „Македонија вели не“. Скопје, Северна Македонија, 12 јули 2022 годинаЛуѓе што носат знамиња и транспаренти маршираат по една улица. Жената на чело држи транспарент на кој пишува „Македонија вели не“.
Спорот беше решен во 2018 година со компромис, по што државата следната година го промени името во Република Северна Македонија.
Но, токму кога изгледаше дека патот кон пристапните преговори е отворен, Бугарија во ноември 2020 година го блокираше нивното започнување.
Бугарија го смета македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот и го оспорува постоењето на посебна македонска нација.
И во овој случај важна улога има внатрешната политика во Бугарија.
На пример, поранешниот бугарски претседател, а сегашен премиер Румен Радев, придонесе за заострување на односите со Северна Македонија со цел да го зајакне сопствениот политички профил.
Иако Србија преговара за членство во ЕУ од 2014 година, напредокот е ограничен.
Во јули, кога државата сè уште беше предводена од претседателот Александар Вучиќ, дури осум земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Хрватска, се спротивставија на отворањето дополнителни преговарачки поглавја со Србија.
Главните забелешки се однесуваат на демократските недостатоци, слабостите во владеењето на правото и корупцијата во Србија, но Хрватска има и сопствени отворени прашања со својот источен сосед.
Тие се поврзани со војната од 1991 до 1995 година, вклучително и исчезнати лица, воени злосторства, права на малцинствата и различни толкувања на историјата. Односите дополнително ги оптоварува националистичката реторика од двете страни.
Дали победата на Студентската листа на изборите во Белград кон крајот на октомври, по речиси две години антивладини и антикорупциски протести, ќе ја промени оваа состојба, засега е невозможно да се процени.
Албанија: Грција се заканува дека ќе ги искористи правата на малцинствата како средство за притисок
Европската Унија ги отвори пристапните преговори со Албанија, која е кандидат за членство од 2014 година, во јули 2022 година.
Албанија би можела да стане следната нова членка на Унијата по Црна Гора. Сепак, Грција повеќепати се закани, последен пат во јуни, дека ќе го блокира пристапниот процес доколку не бидат соодветно заштитени правата на грчкото малцинство, особено нивните имотни права.
Во светло на сите овие случувања, Брисел веќе подолго време разговара за реформа на пристапниот процес и на системот на вето во ЕУ.
На почетокот на октомври Европската комисија предложи одлуките за отворање преговори со земјите кандидати да се носат со квалификувано мнозинство наместо едногласно.
Комисијата исто така предложи новите членки на ЕУ за одреден период да се откажат од правото на вето во одредени области на политиката.
Проблемот со овие предложени реформи е што и самите тие би морале да бидат усвоени едногласно. Со други зборови, секоја земја-членка би можела да стави вето и на самата реформа.
Пишува: Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хрватска, Унгарија, Бугарија и Грција со вета…
Помина долго време од последното проширување на…
Протестен марш против насилството врз жените денес…
Иницијативата „Ниту една повеќе“ денеска, на Меѓународниот…
Клековски очекува наскоро да добие пристап до…
Министерот за здравство Сашо Клековски очекува наскоро…
Уапсени се братот на Давор Мацура и…
Уапсени се Дубравко Мацура, брат на сопственикот…
„ПЛАТАТА МИ ТРАЕ ДО 15-ТИ ВО МЕСЕЦОТ“:…
Во Грција од утринава фериботските линии до…