Франција влезе во техничка рецесија – БДП со пад за 0,2 отсто во третиот квартал
Француската економија забележа поостар пад во третиот квартал отколку што првично се проценуваше, со што земјата влезе во техничка рецесија, покажуваат конечните податоци на Националниот институт за статистика и економски студии (INSEE).
Втората по големина економија во еврозоната забележа намалување од 0,2 отсто во третиот квартал во споредба со претходниот квартал, соопшти INSEE, ревидирајќи ја надолу својата првична проценка за пад од 0,1 отсто.
Институтот, исто така, направи мала ревизија надолу на податоците за вториот квартал – менувајќи ја претходната проценка за стагнација во пад од 0,02 отсто – иако оваа бројка е заокружена на нула во главните статистички показатели.
Ова значи дека бруто-домашниот производ (БДП) опаѓа во секој квартал од крајот на минатата година, што ја става Франција во техничка рецесија – состојба која економистите обично ја дефинираат како два последователни квартали на опаѓање на економската активност.
Слабите економски резултати во третиот квартал ги отежнуваат напорите на владата за ограничување на буџетскиот дефицит, бидејќи целта за постигнување годишен економски раст од 0,5 отсто стана практично недостижна. Владата, која нема апсолутно мнозинство, се обидува да го обезбеди усвојувањето на буџетот за 2027 година во рамките на длабоко поделениот француски парламент. Буџетот има за цел да го намали фискалниот дефицит од овогодишните 5,4 отсто од БДП на пет отсто следната година – само пет месеци пред претседателските избори.
„Мораме да го усвоиме буџетот што е можно поскоро, а целта за дефицит од пет отсто не е предмет на преговори. Од суштинско значење е да ја вратиме предвидливоста за економските субјекти“, изјави министерот за финансии Ролан Лескјур, реагирајќи на извештајот на INSEE.
Деталните податоци од Институтот за БДП во третиот квартал покажуваат дека забавувањето на економијата делумно се должи на стагнацијата на домашната побарувачка; растот на потрошувачката на домаќинствата од 0,3 отсто беше поништен од падот на деловните инвестиции за 0,8 отсто.
Обновувањето на залихите кај компаниите придонесе со 0,3 процентни поени кон растот на БДП, по намалувањето на залихите во претходниот квартал, кое одзеде 0,7 процентни поени од БДП. Надворешната трговија имаше негативно влијание врз економските перформанси, намалувајќи го БДП за 0,6 процентни поени, при што извозот се намали за 1,6 отсто, додека увозот порасна за 0,1 отсто.
Претходно во ноември, Банката на Франција објави дека во четвртиот квартал се очекува „умерен“ раст на економијата. Техничката рецесија претставува статистички показател, додека рецесијата во поширока економска смисла подразбира позначаен и пошироко распространет пад на економската активност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Франција влезе во техничка рецесија – БДП…
Француската економија забележа поостар пад во третиот…
Пирц-Мусар: Проширувањето на ЕУ сѐ уште се…
Земјите од Западен Балкан мора да станат…
Милановиќ: Стоиме пред сосема нови предизвици, би…
Денес стоиме пред сосема нови предизвици, во…
Негативен природен прираст во третото тримесечје –…
Во третото тримесечје од 2026 година во…
Сиљановска-Давкова: Чупиќ му даде предност на Охрид…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува дополнително подобрување на…