Грција има одлична реколта на маслинки, но нема кој да ги бере: недостигаат до 80.000 сезонски работници

t

Грција се радува на одлична реколта на маслинки, но се соочува со сериозен проблем – нема доволно работници за нивно берење. Остриот недостиг на работна сила ги загрозува и земјоделските стопанства што одгледуваат праски, цреши, киви, цитруси и оранжериски зеленчук. Според податоците на Националниот сојуз на земјоделски задруги во Грција, недостигаат најмалку 70.000 до 80.000 сезонски работници.

Главната берба на маслинки во Грција трае од октомври до јануари. На почетокот на есента се берат зелените маслинки за јадење. Во тек е кампањата за берба на плодовите од кои се произведува маслиново масло – од октомври до декември, кога маслинките ја менуваат бојата од зелена во виолетова и црна. Последни, од ноември до јануари, се берат целосно зрелите црни маслинки за јадење.

Состојбата е особено тешка за производителите, кои се притиснати од три страни: недостиг на берачи, раст на трошоците и пад на цените на маслиновото масло.

За пет години надниците на земјоделските работници во Грција се удвоиле. Во 2021 година берачите на маслинки добивале од 30 до 40 евра дневно, додека денес надниците се движат од 60 до 90 евра, објавува грчкиот весник „Прото тема“, повикувајќи се на БТА.

„Со надница од 80 евра, дневниот трошок за четворица работници изнесува 320 евра, што одговара на вредноста на 100 килограми маслиново масло, при откупна цена од 3,20 евра за килограм. На тоа треба да се додадат и трошоците за сместување и исхрана на работниците, гориво и преработка на маслинките. Со падот на цените на маслиновото масло, производството на маслинки за многу стопанства станува нерентабилно“, пишува „Прото тема“.

Во региони како Тесалија, земјоделците веќе се откажуваат од култури за чие одгледување и берба е потребна многу работна сила, па се насочуваат кон бадеми, ф’стаци и други плодови што овозможуваат механизирана берба.

Со децении грчкото земјоделство се потпираше на работници од другите балкански земји, пред сè од Бугарија, Романија и Албанија. Но, голем дел од нив сега избираат подобро платени работни места во Западна Европа, особено во Германија, каде што дневниците достигнуваат и до 100 евра, или остануваат во своите матични земји.

Во првите девет месеци од 2026 година грчките власти издале дозволи за ангажирање 68.000 работници од земји надвор од Европската Унија, главно за земјоделскиот сектор. Сепак, не е познато колку од нив навистина пристигнале во Грција и започнале со работа.

Дополнително, околу 20.000 барања од азиски земји сè уште чекаат одобрување. Визните процедури се бавни и траат со месеци, а висок е и процентот на одбиени барања во конзулатите. На пример, повеќе од 60 отсто од кандидатите од Виетнам добиле одбивен одговор.

Разочарувачки се и резултатите од договорот меѓу Атина и Каиро за привлекување до 5.000 сезонски работници. До средината на годината во Грција пристигнале само 150 работници од Египет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грција има одлична реколта на маслинки, но…

Грција се радува на одлична реколта на…

Грција бара работници – повеќе од 46.000…

Грција се соочува со сè поизразен недостиг…

Муцунски во Aтина: Грција го пофали напредокот…

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во…

Герапетритис: Македонија веќе постигна значителен напредок во…

Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе…

Катимерини: Криминалци со врски со ОВК и…

Зад планот за атентат врз еврејскиот грчки…