Од битка со самурај до семејна легенда: Кој е славниот предок на кандидатот за претседател на Србија, Радомир Саичиќ?

t

Академик Радомир Саичиќ, кој беше избран за кандидат за претседател на Србија од Студентската листа, во интервју од 2019 година, објавено на YouTube, зборувал за своето потекло и славните предци. Особено внимание привлекува приказната за неговиот роднина Алекса Лекси Саичиќ, чиј подвиг во Руско-јапонската војна останал запаметен во воената историја, но и за другите членови на неговото семејство кои оставиле трага во историјата.

На почетокот на интервјуто, кога сè уште не бил политички активен, Саичиќ зборувал за датумот на своето раѓање и за потребата биографијата да ја претстави и преку семејното потекло.

„Роден сум од татко Никола Саичиќ и мајка Ѓулка, родена Димитријевиќ, на Свети Лука и Свети Петар Цетињски, односно на 31 октомври, кој во светот е познат и како Ден на штедењето, во Србија исто така Ден на штедењето, а во поново време и Ноќ на вештерките. Јас, како Србин од Црна Гора, морам малку подобро генеалошки да ја утврдам својата биографија, па да кажам нешто за моите славни предци“, рекол тој на почетокот на интервјуто.

Подвигот во Манџурија

Посебно место во неговото интервју зазема Алекса Саичиќ, познат како Лексо, чиј подвиг во Манџурија останал запаметен.

„Да го споменам Алекса Саичиќ, наречен Лексо, кој влезе во воената историја како последниот дуелист во двобој меѓу две армии. Имено, во Руско-јапонската војна во Манџурија во 1904 година, јапонски самурај ги предизвикал Русите да испратат борец кој ќе се соочи со него во двобој на бојното поле, меѓу двете армии. Никој од Русите не се пријавил, туку црногорскиот поручник Алекса, кој и покрај противењето на рускиот командант, инсистирал да излезе на бој“, раскажал Саичиќ.

Според неговото сведочење, борбата се водела на коњи, а исходот предизвикал големо воодушевување кај руската царска војска.

„Се бореле на коњи со сабји и Алекса го посекол самурајот, што предизвикало воодушевување кај руската војска. Од рускиот цар добил орден, сабја украсена со злато и драгоцени камења, пензија и стипендија за школување на неговиот син. Ете, тоа е еден светол пример од моето семејство“, раскажал гордо Саичиќ.

Покрај Лексо, тој споменал и други познати војници од семејството, меѓу кои команданти од Балканските војни и Првата светска војна, како и неговиот дедо, по кого го добил името.

„Тука има уште војници на глас, како Мило Саичиќ, командант на Доњовасојевиќката бригада, кој се борел во Балканските војни и во Првата светска војна. Бил многу омилен, вистински горостас и човек, сакан и почитуван меѓу соборците. Командант на Коморскиот баталјон во неговата бригада бил Ново Саичиќ, тоа е мојот прадедо“, навел тој.

Дедо му бил стрелан во Јајинци во 1942 година

Осврнувајќи се на судбината на дедо му Радомир, Саичиќ посочил дека семејното наследство го чувствува и како лична обврска.

„Ново имал син Радомир, судија, кого Германците го стрелале во Јајинци во 1942 година. Неговиот сопатник, кој сепак имал повеќе среќа, сведочел за тоа колку храбро се држел во камионот со кој ги возеле на стрелање, така што и тоа оставило трага врз мене. Кога човек има такви предци, мора да се потруди да не ги изневери и да не ги посрами“, зборувал Саичиќ во 2019 година.

Радомировиот син е неговиот татко Никола Саичиќ, архитект и универзитетски професор. Саичиќ го споменал и семејното потекло од страната на баба му по татко, Анѓа, родена Петровиќ, од Чачак, која била учителка.

„Таа всушност е од првата генерација учители кои матурирале во 1923 и 1924 година во Учителската школа во Суботица. Така што и по таа друга семејна линија имам одредена поврзаност со просветата“, посочил тој.

Од страната на мајка му, дедо му Видосав Димитријевиќ бил угостител, интерниран за време на војната, но се вратил дома жив и продолжил да живее со семејството. Баба му Загорка Димитријевиќ била домаќинка.

Интервјуто од 2019 година повторно привлече внимание во јавноста во Србија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ