Објавено на:

АИ: Акциите на бунтовниците од М23 во ДР Конго можат да бидат квалификувани како воени злосторства

t

Меѓународната организација за заштита на човековите права „Амнести интернешенел“ (АИ) ги обвини бунтовниците на М23 за злоупотреба и незаконско убивање рудари, како и за шверцување важни минерали од источниот дел на Демократска Република Конго во соседна Руанда. Според АИ акциите на М23 би можеле да претставуваат воени злосторства.

Бунтовничката група М23, која е поддржана од Руанда, контролира десетици рудници во источните провинции Северен Киву и Јужен Киву во ДР Конго, каде што десетици илјади рудари копаат минерали, клучни за голем дел од светската електронска индустрија, вклучително и мобилните телефони.

Во денеска објавениот извештај се наведува дека АИ интервјуирала 26 лица за да ги документира наводните злосторства извршени од јануари 2025 до март 2026 година, особено во рудникот за колтан во близина на Рубаја во Северен Киву и рудникот за злато во Ломера во Јужен Киву.

Шеснаесет испитаници, вклучувајќи рудари и цивили, изјавиле дека биле мачени или лошо третирани од бунтовници на М23 или обезбедување во рудници.

АИ соопшти дека документирала злоупотреби што може да претставуваат злосторства според меѓународното право, вклучувајќи „вонсудски убиства“, термин што се користи за опишување на убиства извршени надвор од која било законска рамка, како и тортура, произволно притворање, принудна работа и грабежи.

Во извештајот се наведува и дека во рудниците Рубаја и Ломера 10 рудари биле претепани до смрт, двајца биле убиени од огнено оружје, а шестмина биле киднапирани, а подоцна биле пронајдени мртви.

АИ посочува и дека пронашла докази дека златото од источниот дел на ДР Конго, било шверцувано во соседна Руанда.

Претходно, експерти на ОН, САД и владата на ДР Конго ја обвинија Руанда дека профитира од конгоанските минерали во замена за поддршка на бунтовниците. Кигали ги негира обвинувањата.

Рудникот Рубаја е еден од најголемите рудници за колтан во светот, а Ломера учествува со 15 проценти од глобалното производство на злато.

Движењето 23 март е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ