Алиу: Во тек е истрагата на МЗ и МВР за запленетата марихуана во Србија, прерано е да се откриваат детали
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека е прерано да се откриваат детали за истрагата околу петте тони марихуана запленети во Србија, но нагласи дека институциите интензивно работат на случајот.
„Ништо не можеме да кажеме во овој момент бидејќи процедурите се активни. Работиме заедно со Министерството за внатрешни работи и дозволете да им дадеме време на институциите, па податоците да ги соопшти министерот за внатрешни работи кога истрагата ќе биде во понапредна фаза“,рече денеска Алиу одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот додаде дека веќе се работи на законски измени во областа, при што работната група започнала со анализите уште пред да излезе во јавноста случајот со запленетата марихуана во Србија.
„Тие индикатори што ги увидовме во моменталниот закон кој е во сила ќе ги подобриме. Да оставиме да видиме стручњаците што ќе кажат за законот и за членовите што дополнително се ставени во новото законско решение. Мислам дека ќе имаме закон со кој ќе можеме да ги следиме активностите“,кажа Алиу.
Тој додаде дека, по случајот со пронајдената марихуана во соседна Србија, а која доаѓа од Македонија, му е задоволство што овој тип злоупотреби веќе знаат во реално време да ги детектираат и да имаат заеднички активности со МВР.
Алиу вели дека досега Министерството издало вкупно 60 лиценци за работа со марихуана, а оти 18 се веќе одземени поради непрописно функционирање на приватните организации.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред два дена информираа дека веќе разменуваат информации со српските колеги и имаат оформено предмет за целосно утврдување на поврзаноста на македонски структури со овој случај.
Целта е, како што велат, откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана.
Српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија.
Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
Како што соопштија тамошните медиуми, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот И. Д. ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот на семејствата на Н. С. и Р. С., од каде што ја однел У. М. за понатамошна продажба.
Особено е индикативно што осомничениот И. Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алиу: Во тек е истрагата на МЗ…
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека…
Ќе пораснат ли платите на над 1.000…
Сè поизвесно е дека функционерите и годинава…
Израел го гради првиот голем дата центар…
Албанија ќе го изгради првиот голем центар…
Гаши во Вашингтон: Посветеноста на Македонија кон…
Во рамки на работната посета на Соединетите…
Нови блокади и протести на граѓани поради…
Огнови, блокади и протести во повеќе градови…