Апасиев смета дека Тошковски има криминален ум, тој му врати дека собира политички поени и одработува за СДСМ и ДУИ

t

Власта и опозицијата повторно ги судрија копјата во пленарната сала на македонскиот парламент, а овој пат повод за докажување кој работи за свој, а кој за интерес на државата е интерпeлацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратениците на Левица.

Според досегашната расправа, критики за работата на Тошковски од собраниската говорница покрај подносителите на интерпелацијата упатија и пратеници од опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Обвинувањата се однесуваат на неефикасност, неажурност, тромавост и политизиранист на македонската полиција, а со тоа и на Министерството за внатрешни работи, што резултира со пораст на криминалот, убиства, афери, како и непостапување во случаите на семејно насилство што, според опозицијата, доведе до страшни трагедии.

Од друга страна, пратениците до објавувањето на овој текст се јавија за збор, ја бранеа работата на министерот, споредувајќи ги резулатите што Министерството ги постигнало во негово време, за разлика додека со него раководеа кадри на СДСМ и ДУИ во претходните влади.

Но, битката, која е повеќе од извесно дека ќе заврши со поддршка на Тошковски и отфрлање на интерпелацијата, започна со соочување на аргументите меѓу него и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Битка на двајца велешани, момент што Апасиев и го наведе во образложението на интерпелацијата.

Но, тоа не беше точката од која тргна. Лидерот на Левица почна со биографијата на Тошковски, наведувајќи иронично дека многу сака да чита ВМРО-вски сивија бидејќи, како што кажа, во нив секогаш нешто што си додаваат и си одземаат.

„Секогаш гледам да се држам до документи и затоа ќе почнам од сивито на министерот. Секогаш сакам да читам ВМРО-вски сивија, најмногу ми се интересни, си додаваат, си одземаат, но општ впечаток е дека министерот бил трет ешалон во времето на Никола Груевски, и тој епитет, нема љутиш тука, ќе си го носите цел живот“, рече Апасиев од собраниската говорница.

Пратеникот продолжи со образованието на министерот за внатрешни работи, задржувајќи се особено на неговата магистратура, за која изрази сомнеж како дошол до неа затоа што, според Апасиев, постдипломските студии ги запишал во 2006 година, а магистрирал минатата 2025 година.

„Ќе почнеме со образованието, вие сте дипломиран правник, просекот ви е осум и пол, што е солиден. Е сега тука ќе заглавиме кај магистратурата. Секој ВМРО-вец кога доаѓа на власт, сака да магистрира, па така и министерот. Па видете сега што е сега штосот тука: Во самото сиви ви пишува дека штом сте дипломирале, сте запишале постдипломски студии по кривично право и криминологија на Правниот факултет ‘Јустијана Прима’. Сте запишале, но тоа било 2006 година, 20 години ви требало да магистирате и токму кога сте на власта, лани пред Нова година, 2025 година. Јас прочепкав по правилниците по Zаконот за високо образование затоа што знам, предавам, дупло, максумум тројно е рокот за да магиастирате. Сега мене не ми е јасно како сте го задржале статусот на постдипломец 20 години кога законот вели два помножено со три, максимум шест можете да го задржите. Дали можеби наново сте запишале магистратура, можеби тоа ќе треба вие да го објасните. Етимолошки ако гледаме, секогаш од министер, оној што е мал, ситен и слуга, тоа значи ‘министер’, сaкате да станете магистер, што значи возвишен, и секогаш баш кога сте на власт“,рече Апасиев.

Лидерот на Левица од собраниската говорница се осврна и на имотната состојба на Тошковски, за која рече дека со она што го поседува како имот нема ништо спорно бидејќи е стакнато до 2023 година, пред да стане министер. Но, го обвини министерот дека бил незаконски сопственик на фирма, односно дека поседувал правен субјект додека во исто време се занимавал со адвокатура.

„Арно ама хоби ми е да чепкам ВМРО-вски сивија и во сивито не сте пријавиле дека сте биле незаконски сопственик на фирма. Фирмата е ‘КЛК констракшн ланд консалтинг’, којашто постоела од 2011 година и се затворила во 2025 година. Фирмата е на иста адрееса каде што ви е адвокатската канцеларија во центар. Сигурно знаете и подобро од мене дека ова е дисциплинска повреда на етичкиот кодекс дека согласно Законот за адвокатура, член 20, не можете во исто време да бидете и адвокат и да бидете консалтинг за право, и дека е толку тешка дисцплинска повреда што дури се предвидува и одземање лиценца. Значи, вие додека сте работеле како адвокат, сте имале консалтинг-фирма, што е законски забрането и по Законот за адвокатура и по етички кодекс на адвокати, и сте добивале тендери од ВМРО-вски општини“,рече Апасиев.

Наведе и дека има сомнителни работи и при префрањето на фирмата кога Тошковски станува министер за внатрешни работи. Според тврдењата на лидерот на Левица, Тошковски фирмата ја префрлил на четири лица од кои три жени и еден маж, негов колега адвокат.

„На кого ја префрлате, три жени, не се битни, битен е овој мажов. Ја префрлате на ваш колега Владо Пешликовски. Прочепкав кој е овој Владо, обвинет во случајот ‘Агент’ во 2014 година за перење пари преку фиктивни кипарски офшор компании, сумите се милионски, 30 милиони евра. И сега си викам како бе ваков министер за ред, безбедност, џандарот над џандарите, баш на овој криминалецов најде да му ја префрли фирмата со која работел. Тоа само ме наведува дека вие сте прилично криминален ум“,рече Апасиев во 20-минутниот говор.

Во однос на министерувањето, тој го обвини Тошковски за непотизам и кронизам, дека МВР го претворил во, како што кажа, фамилијарна тезга, односно дека во Секторот за внатрешни работи си ги унапредил првите братучеди, а баџанакот му станал доцент на Факултетот за безбедност.

Апасиев наведе и дека по најголемата трагедија во државата, пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе до 200 беа повредени, немало ниту оставка ниту преземање одговорност од министерот, туку цело време се слушало дека МВР не е виновно, а денеска има осудени полицајци поврзани со случајот.

Тошковски пред да одговори на интерпелацијата, побара едноминутно молчење во чест на прераната смрт на градоначалникот на Брвеница, Јован Илиевски, кој почина вчера.

Тој ги отфрли како невистини и лаги наводите на Апасиев, посочувајќи дека пратеникот наместо со аргументите решил да напаѓа ad hominem, односно да го напаѓа министерот како личност, наместо неговата работа како министер.

„Не се напаѓа оној што не работи, не се троши толкава енергија за оној што не менува, туку само за оној што менува нешто, а токму тоа и најмногу ве боли. Најбитно од сè, вас ве боли тоа што македонските граѓани конечно гледаат надеж дека во Македонија конечно нешто може да се смени на подобро“,рече министерот за внатрешни работи пред пратениците во Собранието.

Тој нагласи дека овие две години наназад е континуирано напаѓан, рамо под рамо од ДУИ, Левица и СДСМ – три субјекти кои, како што рече, иако идеолошки водат на различни страни, кога треба да се напаѓа министерот за внатрешни работи, „убаво се гушкаат“.

„Почитувани граѓани на оваа убава Македонија, ова е трета интерпелација за период од две години што е побарана од мене. Мислам дека е историска, не верувам дека досега имало три интерпелации, особено не за две години власт, и сакам јавно да истакнам дека тоа е демократско право на опозицијата и го почитувам и лично ќе одговорам на сè она што ценам дека сум должен. И кога ќе се прочита интерпелацијата може да се заклучи дека напишаното и кажаното е контрадикторно само по себе. Зборувате за сè, само не за тоа што јас го работам денеска и тоа за што треба да одговорам пред македонските граѓани – зборевте за адвокатура, студии, членови на мое семејство, ама не кажавте ништо за она што се бројки и факти, македонска реалност, имплементирани проекти, чувство на безбедност кај македонските граѓани и сè она што значи подобрување на животот на македонските граѓани“,рече Тошковски.

Тошковски, реплицирајќи му на лидерот на Левица, рече дека тој од 20 минути, добри 12-13 минути зборувал лично против својот сограѓанин.

„Слушнав многу манипулации, лаги, клевети, нечовечки напади. За еден велешанец, навистина под секое ниво, но тоа е ваш избор и за тоа нека судат македонските граѓани“,порача Тошковски. 

Според министерот, интерпелацијата е евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот и корупцијата и ги наведе сите досега реализирани проекти во интерес на граѓаните. Со неа, вели тој, Левица уште еднаш покажала дека, свесно или несвесно, во пракса станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ.

„Удирајќи по мене, удирате во институција којашто за првпат по 30 години покажа дека законот важи еднкаво за сите и особено стигна до оние што мислеа дека се недопирливи, а тоа е поранешната власт на ДУИ и СДСМ, оние што грабаа и оставија пустош зад себе… Затоа оваа интерпелација не ја доживувам како суд за мојата работа, туку како уште еден очаен обид за собирање на некој евтин политички поен“,порача Тошковски.

Инаку, Апасиев за своето излагање доби забелешки и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој му порача на лидерот на Левица да внимава на начинот на обраќање од говорницата и да го почитува етичкиот кодекс што неодамна го усвоија пратениците.

Инкау, ова не е првпат работата на Тошковски да биде предмет на интерпелација во Собранието. Станува збор за трета интерпелација за него, од кои две беа поднесени од Левца, а една од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Претходната интерпелација на Левица за работата на Тошковски на дневен ред во Собранието беше на 29 април и беше отфрлена со 72 гласа „против“, додека „за“ гласаа 20 пратеници, а „воздржани“ немаше.

Дискусијата по однос на интерпепацијата породолжува и попладнево. Таа може да трае максимум до полноќ, по што пратениците треба да гласаат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Апасиев смета дека Тошковски има криминален ум,…

Власта и опозицијата повторно ги судрија копјата…

И по Орбан, исто како со Орбан:…

Унгарија го одложи клучниот процедурален чекор потребен…

Јапонски институт разви специјална музика што им…

Како дел од проектот за поддршка на…

МУЦУНСКИ: АКО СЕ БАРА ДА КАЖЕМЕ ДЕКА…

Европскиот парламент на 17 јуни го усвои…

Вратена концесијата за „Иловица“

Вишиот управен суд ja поништи одлуката на…