Битиќи открива страшни детали за буџетската дупка!

t

За 2026 година имаме буџет во кој 90 отсто од средствата одат за тековни расходи. Ако не се исполнат буџетските проекции, тоа ќе значи сериозни тешкотии во покривањето на елементарните потреби на општеството. Во овој момент категоријата на пристигнати, а неплатени обврски, плус долгот по основ на ДДВ, е приближно една милијарда евра! – открива Битиќи.

Со оценка дека државата се соочува со ниска реализација на буџетските приходи каква што немало досега, актуелниот пратеник од редовите на СДСМ и поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „Слободен печат“ предупредува дека буџетот за 2026 година е преамбициозен, нереално испланиран и дека Македонија влегува во сериозна зона на задолжување. Според него, слабата реализација на приходите, ниското ниво на капитални инвестиции и обидот да се затвори трезорот, е сигнал за сериозни проблеми со ликвидноста и економската активност. Битиќи оценува дека граѓаните ќе плаќаат сè повеќе поради растот на цените, а ќе живеат посиромашно.

Битиќи прогнозира дека годинава ќе ја завршиме некаде со 90 проценти реализација на приходите во Буџетот за 2025 година. Тие нереализирани 10 проценти, потенцира Битиќи, се недостиг од околу 630-640 милиони евра.

– Не можам да најдам некоја влада од самостојноста со ваква слаба реализација. Тоа укажува на грешки при планирањето. Ако се земат предвид овие над 600 милиони евра што нема да се соберат и ако се земат предвид уште 600 милиони евра што се обезбедени за покривање на дефицитот, тоа е промашување од 1,2 милијарди евра. Тоа дефинитивно укажува дека имате сериозен проблем со економската активност, со потрошувачката, со извозот, со увозот и со различните категории од каде што доаѓаат приходите – вели Битиќи.

Битиќи нагласува и дека недостигаат речиси 380 милиони евра за капиталните инвестиции и дека нивната реализација е околу 52 проценти, што исто така е незапамтено.

Државата е сериозно заглавена и во долгови кон стопанството, во пристигнати и неизмирени обврски, во поврат на ДДВ. Цената на тоа е намалување на приходите. Затоа што во овој момент категоријата на пристигнати, а неплатени обврски, плус долгот по основ на ДДВ, е приближно една милијарда евра! – открива Битиќи.

Во однос на известувањата на буџетските корисници од страна на Министерството за финансии дека треба да ги достават налозите на плаќања до 15 декември, Битиќи смета дека „тоа е панична одлука на Владата“.

Наредната година е планиран буџет од 6,7 милијарди евра и раст на БДП од 3,8 проценти.

– Сметам дека буџетот е преамбициозен, нереално предвиден и планиран. Тешко дека ќе се постигне целосна реализација и на приходната и на расходната страна. Првиот знак за тоа е дека следната година имаме реално пониски капитални инвестиции во однос на 2025 година. Од друга страна, имаме буџет во кој 90 отсто од средствата одат за тековни расходи. Ако тие не се исполнат, тоа ќе значи сериозни тешкотии во покривањето на елементарните потреби на општеството – вели Битиќи.

Битиќи анализира дека предвидениот економски раст за наредната година се заснова на две работи – на капиталните, односно јавните инвестиции, и на приватната потрошувачка.

– Целиот товар е ставен таму. Но приватната потрошувачка, за жал, не оди најдобро. Можеби имате зголемена потрошувачка, но поради инфлацијата таа реално и не се чувствува, затоа што инфлацијата ги тера луѓето да трошат повеќе за истите работи. Сметам дека бројките можеби ќе се реализираат, но вкупното населението ќе биде посиромашно во споредба со оваа година, а деловното окружување ќе биде уште попроблематично. Дополнителен аларм е и фактот што директните странски инвестиции во третиот квартал имаа нето-одлив, што е сериозен сигнал за секоја држава што сака да расте – вели Битиќи.

Тој вели дека јавниот долг е многу поголем од оној што се прикажува. Наредната година треба да се задолжиме 1,9 милијарди евра според буџетските проекции, но таму ги нема парите за железницата 10 и за клинички центар во Штип и во Скопје, што се уште 2,3 милијарди евра.

Во однос на земената една милијарда евра од Унгарија, Битиќи вели дека таа не ја оствари целта.

– До овој момент сè уште нема целосна реализација на парите од унгарскиот кредит. Се искористија 500 милиони евра да се плати стар долг, а износот од 250 милиони евра кој требаше да стигне до единиците на локална самоуправа е далеку од реализација. Не може да ги видите ниту во буџетот, ниту во евиденцијата на Владата, но од она што можеме да го евидентираме е дека ниту една третина од тие пари не се потрошени. Од овие 250 милиони евра за стопанството, исплатата е 200 милиони – вели Битиќи.

Подобро е да се справуваме со инфлација отколку да останеме без луѓе
Битиќи оценува дека со сегашниот раст на цени, без мерки и со ниски казни за картелско здружување, а без реално функционирање на Законот за нефер трговски практики, граѓаните ќе живеат сè посиромашно.

– Имаме енормен раст на цените. Законот за нефер трговски практики едвај почна да се применува, и тоа далеку од реалното спроведување. За првпат имаме докажано картелско здружување, а казните се смешни – 50.000 евра по субјект, иако законот дозволува казни до 10 % од годишниот промет. Тоа покажува дека Владата не работи во интерес на граѓаните туку повеќе во интерес на деловната заедница – вели Битиќи.

Тој смета дека треба да се зголеми минималната плата „затоа што подобро е да се справите со краткорочен инфлаторен удар, отколку во среден рок да ги немате луѓето“.

– Минималната плата кај нас е под сите регионални просеци и далеку под европските. Ние сме некаде на 45 проценти од просекот на минималната плата во ЕУ. Не можете на граѓанинот да му кажете „остани овде и живеј со 400 евра“, кога на 30 километри од Скопје може да заработи 500-600 евра, а на 800 километри двојно повеќе, за истата работа и со иста продуктивност – вели Битиќи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Битиќи открива страшни детали за буџетската дупка!

За 2026 година имаме буџет во кој…

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За…

Премиерот Христијан Мицкоски за реакцијата на грчкото…

Миноски: Македонија заробена во економија на страв,…

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски преку…

Политико за последиците од драматичниот самит: „Кој…

Европа е навикната на драматични пресврти на…

Скопје и Македонија се гушат во отрови…

Скопје и Македонија и понатаму на топ…