Боледувањето што го даваат матичните лекари ќе се намали од седум на пет дена, најави Перински
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински денеска најави построги контроли на боледувањата и измени на правилата со цел да се спречат можните злоупотреби.
Тој рече дека до Управниот одбор ќе биде доставена предлог-измена на Правилникот за боледување, со која, меѓу другото, се предвидува матичните лекари да можат да издаваат боледување до пет дена, наместо досегашните седум.
Само во август Фондот исплатил повеќе од 623 милиони денари за боледувања. Од нив, 414 милиони денари биле наменети за породилни отсуства, а остатокот за други боледувања.
„За мене и за вработените во Фондот ова не се само ставки во рамки на буџетот, туку обврски коишто ние како Фонд сме должни да ги испорачаме кон оние коишто имаат потреба. Но, истовремено, мораме да бидеме и одговорни кон системот со којшто управуваме. Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата“, истакна тој.
Со предложените измени, матичниот лекар по медицинска проценка ќе може да отвори боледување до пет дена без примена на дополнителни критериуми.
„Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување на дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица кои не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето. Во делот на контролата, воспоставуваме механизми за заедничка контрола со останатите чинители во рамки на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сè со цел да можеме посоодветно вработените во рамки на секторот контрола да ги извршуваат своите контроли“, појасни Перински.
Контролите ќе се прават по пријава од работодавач, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го затекне осигуреникот дома, ќе му биде оставен документ со кој се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение. За случајот ќе биде известен и работодавачот.
Фондот во изминатиот период утврдил неправилности кај околу 30 отсто од анализираниот примерок на боледувања во МВР, по што биле изречени парични казни. Во тек е и анализата на боледувањата во Министерството за одбрана, а според Перински, злоупотреби сè почесто се регистрираат и во приватниот сектор.
„Повторно ќе кажам, темата боледување и породилни отсуства секогаш е сензитивна во јавноста и нам не ни е идејата да ги спречиме правата на боледување, туку да спречиме злоупотреба во рамки на искористување на боледувањето“, рече тој.
Перински информираше и за мерката со која се овозможуваат до шест обиди за биолошки потпомогнато оплодување. Од повеќе од 1.880 обиди, 237 биле четврти, петти или шести обид. Тој рече дека за 2027 година се разгледува поиндивидуализиран пристап и различен финансиски пакет за првите три обиди, со цел да се зголеми успешноста.
Како олеснување за пациентите се планира и промена на рокот за реализација на рецептите издадени од дежурните служби. Наместо рецептот да мора да се реализира истиот ден до полноќ, Фондот ќе предложи рокот да биде продолжен на 24 часа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Боледувањето што го даваат матичните лекари ќе…
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко…
Почина новинарот Владимир Лапе
По кратко боледување денеска почина Владимир Лапе,…
Дури 12 години не се појавил на…
Словенија бележи раст на работниците кои користат…
Апсолутен македонски рекордер: ФЗОМ откри случај на…
Работник бил три и пол години на…