Бугарија дава по 50 евра помош за граѓаните поради скапите горива
Близу 550.000 Бугари ќе добијат по 50 евра помош поради скапите горива
Еднократен ваучер од 50 евра како помош поради скапите горива ќе добијат близу 550.000 бугарски граѓани од најранливите категории, со приходи под линијата на сиромаштија.
Мерката е наменета за лица кои во моментов добиваат различни видови социјална помош, меѓу кои деца без родителска грижа, лица кои добиваат помош за греење, семејства кои се грижат за деца со попреченост, згрижувачки семејства и воени инвалиди, објасни министерката за социјална политика Наталија Ефремова.
За разлика од пролетната помош по скокот на цените на горивата поради војната на Блискиот Исток, која изнесуваше 20 евра месечно, овојпат нема да се бара корисниците да поседуваат автомобил.
„Не поставуваме такво барање, бидејќи семејствата со ниски приходи не секогаш поседуваат автомобил, а трошоците за храна и услуги се зголемуваат поради кризата на Блискиот Исток и нејзиното влијание врз цените и кај нас. Затоа ќе поддржиме двојно поголем број лица“, посочи Ефремова.
Исплатата на 50-те евра ќе се врши автоматски, преку платежните картички или по пошта, во зависност од начинот на кој корисниците досега ја добивале социјалната помош.
„Подготвени сме во октомври да ги префрлиме средствата“, прецизираше министерката Ефремова.
Од нејзината изјава произлегува дека не се очекуваат дополнителни ваучери за ноември или декември, доколку цените на горивата останат на ова ниво.
„Сметаме дека до крајот на годината овие 50 евра се целосно доволни за да ги надоместат зголемените трошоци на најранливите категории од населението“, изјави Ефремова.
Мерката ќе го чини бугарскиот буџет 37 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за економија Александар Пулев најави уште неколку мерки, чија вкупна вредност надминува 300 милиони евра.
Се укинува акцизата за пропан-бутан. Дополнителни субвенции ќе добијат транспортните компании за меѓуградски и ученички превоз, службите за итна медицинска помош, како и товарните превозници.
Укинувањето на акцизата за пропан-бутан ќе биде од корист не само за граѓаните кои возат автомобили со плински уреди, туку и за транспортните компании кои го користат ова гориво, изјави Пулев.
За спроведување на мерката, сепак, потребни се законски измени. Владата очекува парламентот брзо да ги усвои, така што цената на пропан-бутанот да се намали уште во октомври, а нултата акциза да остане во сила до крајот на 2026 година.
Мерката е проценета на околу 15 милиони евра, односно по 5 милиони евра месечно.
На новинарско прашање дали акцизите би можеле да бидат укинати и за другите видови горива доколку цените продолжат да растат, вицепремиерот одговори:
„Ставаме крај на хеликоптерските пари. Ги видовме мерките на претходните влади. Таму не се правеше разлика дали субвенцијата ја користи човек кој вози „Лада“ или човек кој вози „Мерцедес“. Ние го насочуваме фокусот кон субвенции за најранливите и кон оние сектори, така што поскапувањето на горивата да не доведе до зголемување на цените на сите останати производи.“
Пулев потсети дека со буџетот за 2026 година веќе е обезбедена дополнителна субвенција од 55 милиони евра за товарниот транспорт, додека за земјоделците е предвидено намалување на акцизата за дизел-горивото.
„Овие мерки веќе добија одобрение од Брисел и ќе започнат да се применуваат уште овој месец“, изјави Пулев.
Земјоделците ќе добијат компензација од 44 евроценти за литар дизел, со која треба да се покрие разликата во неговата цена во однос на 2025 година.
Вкупната вредност на оваа мерка изнесува 170 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарија дава по 50 евра помош за…
Близу 550.000 Бугари ќе добијат по 50…
Македонците во Бугарија реагираат на изјавата на…
ОМО „Илинден“ – Пирин ги отфрли тврдењата…
ХОРОР ВО БУГАРИЈА: Татко си го убил…
Денес, околу 11:20 часот, пристигна пријава за…
ТЕСЛА ВЛЕГУВА ВО БУГАРИЈА СО ТРИ ГОЛЕМИ…
Во последната една година Бугарија стана лидер…
Нов скандал: Во Бугарија се обучувале руски…
Протечена разузнавачка проценка, изготвена за австралиската служба…