Вајц: Македонија треба да биде предводник во преговорите со ЕУ, доколку се надминат сите блокади од Бугарија
Функционалното владеење на правото, доследното спроведување на законите и изборот на раководни кадри врз основа на образованието, работното искуство и квалификациите се клучни предуслови за економскиот развој и враќањето на довербата на граѓаните во институциите, оцени денеска европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Македонија,Томас Вајц во видео-обраќањето на тематската дебата во Собранието посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор.
Тој нагласи и дека Македонија треба да биде предводник во преговорите за пристапување кон ЕУ, доколку се надминат сите блокади од соседна Бугарија, нагласувајќи дека тука треба да се вложи голем напор.
-Се надевам дека Македонија ќе отпочне со преговорите, имајќи ги предвид сите реформи што се спроведени во вашата земја. Вие би требало да бидете предводници во преговорите за пристапување кон ЕУ доколку се надминат сите блокади од соседна Бугарија. И тука треба да вложиме многу напори, истакна европратеникот.
Тој, во обраќањето на денешната тематска дебата за извештаите на Европската комисија за владеењето на правото, истакна дека корупцијата претставува пречка и застој што никому не му носи корист и дека е неопходно да се надминат состојбите што го попречуваат напредокот.
Вајц нагласи дека владеењето на правото не треба да се разгледува само во контекст на приближувањето кон Европската Унија, туку пред сè како услов за економски развој и создавање подобри перспективи за граѓаните.
-Знаеме дека корупцијата е уназадување, еден застој, не помага никому и треба да се обидеме да ја одминеме. Но, надвор од прашањето за претставување кон Европската Унија, за економскиот развој на земјата е важно дали владеењето на правото е функционално или не. Дали вие како претприемач, доколку доаѓате од странство, како инвеститор, можете да се потпрете на владеењето на правото во вашата земја? Не само дали државата ги има законите на хартија, туку и дали тие се имплементираат. Тоа е клучно за економскиот развој и нешто што треба да им го испорачаме на нашите граѓани, пред сè како најважна работа, рече Вајц.
Тој посочи дека ова е особено важно за земја која се соочува со одлив на млади луѓе, бидејќи за задржување на младите и создавање можности за нивна иднина се неопходни квалитетни инвестиции и добар економски развој.
Како уште едно клучно прашање за владеењето на правото и функционирањето на институциите, Вајц го посочи начинот на распределба на работните места и потребата од избор на стручни и квалификувани кадри, наместо партиска пристрасност.
Тој направи споредба со општествата во Австрија, Швајцарија и Шведска, посочувајќи дека, иако станува збор за земји со високо развиено владеење на правото, предизвиците со политичките влијанија при распределбата на работните места се присутни и во други држави.
Според Вајц, разбирливо е секоја нова влада да има лица од доверба, односно лојални луѓе од политичката структура во својот кабинет. Но, кога станува збор за изборот на министри, директори на сектори и одделенија, како и раководители, клучни критериуми треба да бидат работното искуство, образованието и квалификациите на кандидатите.
-Многу е разбирливо дека секоја нова влада мора да има лица во коишто ќе има доверба, лојални лица за кабинетот коишто доаѓаат од политичката структура. Но, кога станува збор за составот на одбраните министри или директори на сектори, на одделенија, раководители, тогаш пред сè во центарот на вниманието како клучен фактор за тоа работно место треба да биде работното искуство и образованието, односно квалификациите, рече Вајц.
Тој предупреди дека кога на одредени позиции има недостиг од квалификации, но и кога станува збор за преквалификувани кадри, тоа може да претставува пречка за ефикасното функционирање на институциите. Посочи дека ваквата појава често се забележува во регионот, но и дека сè уште е присутна во некои земји членки на Европската Унија.
-Тоа многу често го среќаваме во регионот, па дури и во некои од земјите членки на ЕУ сè уште се забележува оваа појава. Треба да разгледаме, ние како претставници на државата, без разлика дали сме во парламентот или во владата, дека треба повторно да ја изградиме довербата на граѓаните во нас. Ова е клучниот темел на демократскиот систем – довербата на граѓаните и можноста на државата да го испорача сето ова во нивно име, истакна Вајц.
Тој посочи дека клучно е институциите да имаат капацитет, овластувања и соодветни ресурси за да ги спроведуваат законите, но и да бидат ослободени од политички влијанија. Нагласи дека, покрај законските реформи, неопходни се обучен кадар, финансиски средства и независни механизми за контрола и отчетност. Како важен показател за функционирањето на демократијата ја посочи довербата на граѓаните во правосудниот систем и еднаквоста на сите пред законот, без оглед на нивниот општествен или материјален статус.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вајц: Македонија треба да биде предводник во…
Функционалното владеење на правото, доследното спроведување на…
Предметот за претепаната Сара во Охрид одземен…
Предметот за бруталното претепување на младата Сара…
Опљачкана куќа во Визбегово, одземени пати злато,…
На 16.11.2026 во 00:30 часот во СВР…
Српското обвинителство му одреди два дена притвор…
Со наредба на Вишото јавно обвинителство во…
Украдени злато, пари и службена „дачиа“ на…
Во текот на викендот биле украдени злато,…