(Видео) Пенов: Потребни се итни мерки за загадувањето во Скопје – само оџакот на Цементарница чади колку 10.000 станбени единици
На последната вонредна седница во Советот на Град Скопје посветена на загадувањето во главниот град и неговите причинители, советникот од ЛДП, Ристо Пенов, изјави дека тој, лично стравува дека и вонредната седница ќе помине како досега, во општи констатации и неверување дека нешто навистина може да се промени, додека искуствата во светот говорат дека големи промени се можни и тоа со не толку многу средства.
„Ние откако го донесовме заклучокот за Цементарница Усје, иако е тој премногу општ, се рашири еден дефетизам, ‘кој тоа може, чини многу’… па ние само да ги прашаме сопствениците на Цементарница Усје како им ги затворија во нивната држава цементарите и колку им платија? Кога ние ќе си ги поставиме условите што се потребни, тогаш тие самите се повлекуваат. Мора да почнеме од фактот дека во 2025 година никој со мал прст не мрдна за загадениот воздух во Скопје. Ниту градот Скопје, ниту институции, ниту владата, никој ништо не направи со било каков ефект и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Пенов.
Тој додаде дека „мора да признаеме после последната прес конференција на Државниот инспекторат за животна средина дека таа институција не е сојузник во нашата битка, затоа што тие констатираа дека е сѐ во ред“. „Неколку казни напишаа, не ни кажаа што и како нѐ загадило, од што да се штитиме… плус тоа, ни кажаа и дека не си ја работат работата. Конкретно, додека цело Скопје врие околу Цементарница, државниот инспектор бил во 2 инспекции во Цементарница, на 18.11 и на 20.12. Четириесет дена за 2 инспекции кога градот се гуши и кога сите факти говорат дека во Цементарница се гори и петрол бокс и увезено ѓубре од непознат квалитет, можеби со документи, но на нашата царина кој може да ѝ верува?“, прашува Пенов. Град Скопје исто така има вработен инспектор за животна средина, кој бил во една инспекција на Цементарница, само на 18.11. „Ние овде правиме вонредни седници, носиме вонредни заклучоци, тој не најде за сходно да нѐ информира што видел и што гледа кога оди во Цементарница. Или да побара совет, да му кажеме што да види. Затоа што не мора многу високо на Водно да се качи, гледате дека тој оџак чади колку 10.000 станбени единици што не можат да зачадат и формира еден црн талог, најпрво низ Лисиче и покрај реката Вардар, а потоа тоа се распоредува и во центарот на Скопје. И ние на тоа ќе молчиме и ние тоа ќе го прифатиме и ние само ќе констатираме низ некакви заклучоци; или сме и ние некаков орган, некаква власт и можеме нешто да преземеме или да се изјасниме и да побараме некој да го преземе што е надлежен во наше име“, вели Пенов. Советникот Пенов посочува дека Советот исто така има и свои задачи кои сѐ уште не ги исполнува. „На 25 декември донесовме Буџет и ставивме ставка „филтри за оџаци“. Имаме нешто преземено? Ќе речеме ај, краток период, празници, во ред. Но Скопје гори. Скопје е под пожар. Тоа можеби не може туку така да се набави, дури јас и не знам дали постојат такви филтри на домашниот пазар. Но, да преземеме нешто. Кој ќе ги монтира тие филтри? Тие луѓе што од социјални причини горат сѐ и сешто да стават филтри? Па да потрошат уште 1000-2000 денари за мајстор? Тоа е мисловна именка и тоа мораме ние да го направиме. И мора да определиме од таа сума колку за монтажа, колку за набавка?… да направиме тендер, сигурно треба, од Бирото итна набавка, да видиме кои типови филтри ќе ги набавиме“, вели Пенов и посочува дека времето ги гази и доколку сега се почне, за наредната зима нема да има некаков ефект. Пенов заклучи дека „потребно е да се има волја за да се дискутира, но треба таа дискусија да има и некаков ефект, затоа што советниците во Советот на Град Скопје ги претставуваат граѓаните кои на нив им дале доверба за да ги променат работите, а не само да дискутираат“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Пенов: Потребни се итни мерки за…
На последната вонредна седница во Советот на…
Канадскиот премиер: Само Данска и Гренланд можат…
Само Данска и Гренланд можат да одлучат…
Пресврт во случајот на Мадуро: САД ги…
Министерството за правда на САД се откажа…
(Фото) Паричката кај Ведран: Градоначалникот на Скопје…
Божјиот благослов оваа година кај Ведран. Жив…
Мицкоски направи селфи со семејството и честиташе…
Премиерот Христијан Мицкоски сподели селфи со семејството.…