(Видео) Пентагон објави први доверливи досиеја за НЛО и необјасниви појави: „Долго беа криени под ознаки за тајност“
Министерството за одбрана на САД денеска објави први претходно доверливи документи за неидентификувани аномални појави (UAP), познати и како НЛО, во рамки на новата иницијатива на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за поголема транспарентност околу можноста за постоење вонземски живот и необјасниви феномени.
Како што се наведува во соопштението на Министерството, документите се објавени во рамки на програмата PURSUE, во која учествуваат Белата куќа, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, НАСА, ФБИ и други американски безбедносни и научни агенции.
Материјалите, меѓу кои има видео-снимки, фотографии и оригинални документи, се достапни за јавноста на посебна интернет-страница на Министерството за одбрана, а дополнителни датотеки ќе бидат објавувани постепено.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека објавувањето на документите претставува „невидено ниво на транспарентност“ за тоа што американската влада знае за неидентификуваните аномални појави.
„Овие документи, долго криени под ознаки за тајност, поттикнуваа оправдани шпекулации и време е американскиот народ да ги види“, изјави Хегсет.
Директорката на Националното разузнавање Тулси Габард наведе дека станува збор за прва фаза од заеднички процес на декласификација и објавување податоци.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, оцени дека американската јавност првпат има „неограничен пристап“ до декласифицирани владини документи поврзани со UAP-појави.
Објавувањето на документите следува откако Трамп во февруари им нареди на американските институции да започнат процес на идентификација и објавување датотеки поврзани со вонземски живот, НЛО и други необјасниви феномени.
Американските власти, пренесува CBS News, претходно соопштија дека меѓу мај 2023 и јуни 2024 година биле регистрирани повеќе од 750 нови пријави за неидентификувани аномални појави, но дека засега нема докази оти американската влада потврдила постоење на вонземска технологија.
Како што потсетува AP, Конгресот на САД уште во 2022 година формираше специјална канцеларија за истрага на UAP-појавите и декласификација на материјалите, со образложение дека треба да се утврди дали ваквите инциденти претставуваат потенцијална закана за националната безбедност.
Темата за постоење вонземски живот повторно дојде во фокусот на јавноста по неодамнешните сослушувања во американскиот Конгрес за неидентификувани аномални појави (UAP), попознати како НЛО.
Според американскиот „Hill“, во текот на 2024 година биле одржани и сослушувања по извештаи на укажувачи за наводни тајни програми поврзани со НЛО.
Истражување на јавното мислење од 2025 година покажало дека речиси половина од Американците веруваат дека федералната влада крие докази за неидентификувани летечки објекти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Пентагон објави први доверливи досиеја за…
Министерството за одбрана на САД денеска објави…
Лукровски е на боледување, не поднел оставка
Општина Карпош демантира дека градоначалникот Сотир Лукровски…
Божиновска: Ако е потребно повторно ќе се…
Министерката за енергетика Сања Божиновска најавува дека…
Сотир Лукровски сака да поднесе оставка од…
Градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, вчера…
СДСМ: ЗНАМ тотално се распаѓа на сите…
По пратеникот во Собранието Миле Цеков, уште…